САД сепак остануваат ликвидни
1 август 2011По повеќенеделни натегања и расправии околу зголемувањето на законската граница за максимално задолжување на САД, конечно е постигнат компромис. Американскиот претседател во телевизиско обраќање доцна синоќа соопшти дека лидерите на републиканците и на демократите во двата дома на Конгресот се согласиле за зголемување на законската рамка за кредити и за план за долгорочно намалување на долговите на земјата.
„Сакам да објавам дека лидерите на двете партии во двата дома на Конгресот постигнаа договор со кој ќе биде намален буџетскиот дефицит и со кој ќе се одбегне неликвидност, која би имала катастрофални последици за нашата економија“, рече Обама.
Претседателот на Претставничкиот дом во Конгресот, републиканецот Џон Бенер претходно телефонски му соопштил на Обама дека неговата партија го прифаќа компромисот.
Отпорот не е целосно скршен
Неопходното гласање во Сенатот и во Претставничкиот дом на Конгресот треба да се случи денеска. Водечките политичари од двата табора претходно ќе ги информираат сопартијците за деталите на договорот. Притоа и натаму постои отпор во радикално-конзервативното крило на републиканците како и во либералното крило на демократите во Претставничкиот дом. Според медиумски извештаи, до 100 пратеници на демократите во Претставничкиот дом би можеле да го отфрлат договорот, бидејќи тој на долг рок предвидува и кратења на важните социјални програми како пензиите и здравствените подобности за пензионерите. Во таа насока претседателот Обама предупреди:
„С‘е уште не сме готови. Сакам да апелирам до членовите на двете партии да постапат исправно и да го поддржат договорот со нивните гласови во наредните денови“.
Експертите сепак се уверени дека постигнатиот компромис ќе добие мнозинство гласови во двата дома на американскиот Конгрес.
Границата за задолжување до 2013 ќе биде зголемена во два чекори
На американската јавност засега официјално не и‘ се соопштени поточни детали од договорот. Меѓутоа значителен број точки од договорот веќе протекоа во медиумите. Според нив, зголемувањето на границата на максимално задолжување ќе биде овозможена се‘ до 2013 година, без за тоа одново да биде потребна согласност од Конгресот. Оваа мерка ќе биде проследена со кратење на буџетските издатоци во висина од речиси три билиони долари во период од десет години.
Лимитот на задолжување на САД треба во две етапи од сегашните 14,3 билиони долари (околу 10 билиони евра) да биде зголемен за околу 2,4 билиони долари. Во првиот итен чекор зголемувањето ќе изнесува околу 900 милијарди долари.
Со постигнатиот договор треба да се обезбеди во буџетото на САД да можат да се слеат неопходните финансиски средства. Без вакво решение САД од 2 август натаму би биле под закана за неликвидност.
Автор: Томас Гример/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска