1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО

Борис Георгиевски13 март 2008

Помошникот американски државен секретар Даниел Фрид од Вашингтон уште еднаш порача- САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО но мора да се реши проблемот со името со Грција. Тој се надева барем на привремено решение

https://p.dw.com/p/DNqx
Даниел Фрид очекува напредок околу иметоФотографија: AP

Проблемот со името е тешко, а не тривијално прашање, но ние се надеваме дека ќе се најде решение пред Самитот во Букурешт, изјави пред Конгресната комисија за надворешна политика помошникот државен секретар за Европа, Даниел Фрид. Излагањето на Фрид беше на тема Иднината на Балканот по независноста на Косово и воочи проширувањето на НАТО, но најголем интерес на дебатата предизвика состојбата на Косово и спорот за името меѓу Македонија и Грција. Тој уште еднаш го повтори ставот на американската администрација дека Вашингтон посакува да ги види Македонија, Хрватска и Албанија како членки на Алијансата, но потенцираше дека спорот за името сериозно ја загрозува поканата за Македонија.

Барем привремено решение до Букурешт

Фрид рече дека се надева оти до самитот во Букурешт ќе се најде барем привремено решение за името, но на прашање на еден од конгресмените одби да даде детали за разговорите.

„Во петокот бев во Скопје и им порачав на лидерите дека ние сакаме да ги поддржиме и се надеваме дека ќе работат со нас, со Грција и со Нимиц за да се најде решение за проблемот со името. Ги охрабрив да соработуваат со Грција. Разговорите се во тек и се надевам дека проблемот ќе се реши пред самитот на НАТО. Јас лично и Стејт департментот сме длабоко инволвирани во решавањето на овој проблем“.

Конгресменот од Флорида со грчко потекло, Гус Билиракис пред членовите на Комисијата инсистираше дека Грција е во право кога бара Македонија да го смени името за да влезе во НАТО и тврдеше дека Скопје ги нарушува добрососедските односи со Атина. Билиракис му упати директно прашање на Фрид, дали е оптимист дека проблемот со името може да се реши, на што дипломатот одби директно да одговори посочувајќи само дека се надева оти тоа може да се случи.

Поголемиот дел од останатите конгресмени кои дискутираа на оваа тема, го поддржаа членството на трите земји кандидати во НАТО, но дел од нив исто така го потенцираа спорот за името како проблем за Македонија.

„Трите членки на Јадранската група се на добар пат. Сите три земји придонесуваат кон меѓународната безбедност. САД сакаат да ги видат овие земји како членки на НАТО, рече Фрид. Неговото излагање заврши со заклучокот дека Балканот е клучен регион за САД и за нивните европски сојузници, во кој досега било постигнато многу, но и дека останува уште многу работа.