1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Ромни победи во шест сојузни држави

7 март 2012

„Супер вторникот“ не му овозможи на ниту еден од кандидатите јасна предност во трката за номинација за претседателски кандидат на републиканците. Ромни победи во шест држави, но Санторум останува негов конкурент.

https://p.dw.com/p/14GDC
Фотографија: AP

Со шест победи на „супер вторникот“ (во Охајо, Вермонт, Вирџинија, Ајдахо, Масачусетс и Алјаска) водечкиот републикански кандидат Мит Ромни е чекор поблиску до номинација за претседателска кандидатура. Во Охајо тој водеше изедначена трка со најсериозниот противкандидат Рик Санторум, кој однесе победа во три сојузни држави - Тенеси, Оклахома и Северна Дакота. Кандидатот Њут Гингрич, пак, победи во Џорџија, една од десетте сојузни американски држави, каде вчера се одржуваа избори за претседателски кандидат на Републиканците.

Ромни, пред своите приврзаници во Бостон, изјави дека на крајот ќе ја добие номинацијата. Санторум, пак, во Стабенвил, Охајо подвлече дека „супер вторникот“ покажал дека тој се’ уште е во трка. Исто така и Гингрич, поранешниот претседател на Претставничкиот дом, јасно кажа дека нема намера да се повлече од кандидатурата.

На „супер вторникот“ се поделија вкупно 419 гласови на делегати кои ќе гласаат на партискиот конгрес во Тампа, Флорида во август, кога ќе биде номиниран претседателскиот кандидат на републиканците за изборите во ноември.

Автор: АТ/ АМ/ дапд

Редактор: Е. М. Фиданоска