САД против укинување на санкциите за Иран
17 април 2012Американскиот државен секретар Хилари Клинтон го отфрли иранскиот повик за прекин на санкциите во замена за концесии во иранската нуклеарна програма. Шефот на иранската дипломатија Али Акбар Салехи најави дека Техеран е подготвен да ги одговори сите прашања во врска со нуклеарната програма во замена за подигнување на санкциите.
Американскиот претседател Барак Обама претходно изјави дека на Иран би можеле да му бидат воведени нови санкции, доколку во текот на следните месеци не дојде до напредок во разговорите со светските сили за нуклеарната програма на Техеран.
На разговорите во саботата во Истанбул меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција) и Германија беше договорено следната средба да се одржи на 23 мај во Багдад. Официјалните претставници овој круг разговори го оценија како позитивен, очекувајќи многу повеќе од Иран на следниот состанок.