САД предупредуваат: Во Алепо е можен масакр
27 јули 2012Американската влада ја предупреди сириската да не врши масакр во милионската метропола Алепо. Сириската армија употребува тенкови, хеликоптери и борбени авиони против бунтовниците, изјави портпаролот на американското министерство за надворешни работи, Викторија Нуланд.
„Загрижени сме дека Алепо може да доживее масакр, а се чини дека режимот се подготвува на таков чекор“, изјави Нуланд.
Бунтовниците и сириската армија веќе шест дена водат битки во тримилионскиот град. Бунтовниците вчера соопштија дека контролираат речиси половина од градот, но нема потврда од независен извор. Сириската влада премести илјадници војници во Алепо.
Викторија Нуланд притоа исклучи воена интервенција на САД во Сирија. Не е потребно ништо повеќе отколку помалку насилство, како и почеток на политички преоден процес, истакна таа.
Претставници на американската влада велат меѓутоа дека сириската опозиција би можела да добие повеќе помош од Вашингтон. Предуслов за тоа е бунтовниците да освојат одделни заднински области.