1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД предлагаат „Република Северна Македонија“, тврди грчки весник

10 март 2010

„Република Северна Македонија“ како замена за акронимот БЈРМ и означување на јазикот како „северномакедонски“. Ова биле предлозите на Вашингтон до грчкиот премиер за решавање на спорот за името, тврди весникот „Вима“.

https://p.dw.com/p/MOa5
Барак Обама и Јоргос ПапандреуФотографија: AP

САД го предлагаат името „Република Северна Македонија“ како решение на спорот меѓу Македонија и Грција, пишува во денешниот број грчкиот весник „Вима“. Доколку Атина се согласи со предлогот, САД ќе ја променат и одлуката за признавање на уставното име и во иднина ќе и’ се обраќаат на земјата со новото име, пишува „Вима“. Според весникот, ваквиот предлог му бил даден на грчкиот премиер Јоргос Папандреу од американскиот претседател Барак Обама и од државниот секретар Хилари Клинтон на разговорите во Вашингтон.

Официјални претставници, кои ги цитира „Вима“, тврдат дека Папандреу се воздржал од одговор на предлогот, а тоа ќе го стори откако ќе ги разгледа сите факти.

Вашингтон, наводно, изразил подготвеност да ја промени сопствената одлука за признавање на уставното име, затоа што проширувањето на НАТО во Југоисточна Европа не можело да продолжи без решение за грчко-македонскиот спор.

На Вашингтон му се брза

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien
Во очекување на предлог од Нимиц, одговорите пристигнуваат од ВашингтонФотографија: Petr Stojanovski

Обама и Клинтон го уверувале Папандреу дека ако го прифати името „Република Северна Македонија“, ќе свикаат седница на Советот за безбедност на ОН на која ќе биде потврдено новото име наспроти кратенката БЈРМ, со тоа што името на јазикот би се означувало како „северномакедонски“.

„Вима“ тврди оти на Вашингтон му се брза со приемот на Западниот Балкан во НАТО, затоа што новата одбранбена стратегија на Алијансата предвидувала префрлање на системите за противракетна одбрана од Полска, Чешка и Балтикот, во Југоисточна Европа и во источниот медитеран.

Заменик-шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас кој го придружува премиерот Папандреу во Вашингтон за телевизијата „Скај“ потврди дека прашањето за името, покрај Кипар и односите со Турција, била една од темите на средбите со претседателот и со државниот секретар на САД. Тој тврди дека од Атина не е побарано ништо дополнително и оти нејзините позиции во однос на прашањето за името се „јасни и добро познати“.

Автор: БГ/бта/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема