САД од воздух ќе дополнуваат со гориво француски авиони во Мали
27 јануари 2013Се работи за дополнување со гориво во лет на борбените авиони од француското воено воздухопловство. Пентагон се согласи за дополнување на француските воени летала, кои во моментов спроведуваат операции против исламистичките милитанти во Мали, откако претходно до претседателот Барак Обама било испратено барање за асистенција при воздушното дополнување со гориво. Американската поддршка за француската мисија беше искажана и во петокот, кога претседателот Барак Обама телефонски зборуваше со својот француски колега Франсоа Оланд.
Франција се обратила и до останати западни земји, меѓу кои и Германија, со барање поддршка за дополнување со гориво во воздух на леталата. Од германското министерство за одбрана изјавија дека земјата нема сертифициран систем за дополнување со гориво на француските летала, но оти се работи на барање решение.
Додека западните земји бараат решение за француското барање, трупите на терен напредуваат. Француските воени авиони го уништија домот на лидерот на групата блиска до Ал Каеда, која го зазеде северниот дел од Мали. Француската војска денеска информираше дека таа напредува кон Тимбукту, упориштето на исламистите во Мали.
Состојбата во оваа земја е една од централните теми на денешниот состанок на Африканската унија. Од оваа организација велат дека ќе испратат трупи како поддршка на француските и малиските сили во справувањето со исламистите.