1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: нема покани за членство на самитот во Чикаго

БГ/миа27 април 2012

Од Вашингтон уште една порака дека Македонија ќе може да се надева на членство откако ќе го реши спорот со Грција

https://p.dw.com/p/14lsP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниците од НАТО нема да донесуваат одлуки за проширување на Алијансата на самитот во Чикаго, но тие сепак ќе испратат јасна порака со поддршка до земјите-кандидати, изјави Тина Кајданау, главен заменик-помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во говорот пред Комитетот за Надворешни работи на американскиот Конгрес.

„САД јасно изјавуваат дека вратата на НАТО останува отворена за новите земји членки, кои ги исполнуваат стандардите на Алијансата", истакна Кајданау. Таа додаде дека Македонија ги исполни критериумите за членство во Алијансата и придонесе за регионалната и глобалната безбедност.

„САД целосно го поддржуваат процесот започнат под ОН и предводен од амбасадорот Нимиц, и редовно водат разговори како со Грција, така и со Македонија, за да најдеме заемно прифатливо решение на спорот за името, па да можеме да ја исполниме донесената одлука на самитот во Букурешт и да се испрати покана за членство на Македонија ", изјави Кајданау.

Таа истакна дека САД помагаат во напорите на Црна Гора за реформи и ги повика и другите сојузници да размислат за таква поддршка.

„Неодамнешниот договор во Босна и Херцеговина за регистрација на имот на Министерството за одбрана е значаен чекор кон исполнувањето на условите поставени од министрите за надворешни работи на НАТО на средбата во Талин во април 2010 година. НАТО не треба да штеди напори за помош на босанската влада во спроведувањето на оваа одлука, што ќе и овозможи да ја претстави својота прва Годишна национална програма оваа есен ", изјави Кајданау.