1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД нема да бидат во Советот за човекови права на ОН

7 април 2006

САД немаат амбиција да станат членка на првиот состав на ново формираниот Совет за човекови права на ОН.

https://p.dw.com/p/Ae2S
Зданието на Светската организација во Њујорк
Зданието на Светската организација во ЊујоркФотографија: AP

Ова го соопшти американскиот Стејт департмент, истовремено нагласувајќи дека Советот може да смета со финансиската поддршка на светската супер сила. Советот доаѓа на местото на Комисијата за човекови права, која беше на мета на критики поради неефикасност.

Во повеќе тела на ООН последниве недели владее зголемена возбуда и активност. До сега има 35 земји, кои се кандидираа за место во новото тело на Светската организација, меѓу нив и Германија. Задутре Генералното собрание треба да го изгласа првиот состав на Советот, што ќе има вкупно 47 члена. Меѓу нив нема да бидат САД:

„САД нема да се кандидираат при првиот избор за членови на Советот за човекови права„ – соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи Шин Меккормак.

САД ионака не се сложуваат со постигнатиот компромис за формирање на новото тело, пред се‘ затоа што биле разводнети критиериумите за членство. Така повторно има можност во него да членуваат земји кои токму ги кршат човековите права и да ја блокираат неговата работа. Меккормак најави дека САД меѓутоа ќе му дадат полна финансиска и морална поддршка на Советот:

„Ќе соработуваме тесно со партнерите од меѓународната заедница и ќе ги охрабриме во Советот да се занимаваат со тешки кршења на човековите права и слободи во земјите како што се Иран, Куба, Зимбамве, Бурма, Судан и Северна Кореја.„

При тоа мора да се спомне дека и САД се наоѓаат под сомневање за кршење на човековите права поради малтретирањето на затвореници во Багдадскиот озлогласен затвор Абу Граиб и во логорот на Гвантанамо.