1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД на работ на „фискален јаз“

СН/АТ/дпа/афпртр/дапд28 декември 2012

Времето е кусо, а нервозата расте. До 31. декември американските политичари мораат да го надминат спорот околу буџетот за 2013 година. Во спротивно се заканува пад во т.н „фискален јаз“.

https://p.dw.com/p/17ABf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Спорот околу буџетот на САД за 2013 година и заканата од т.н „фискален јаз“ ги оптовари и пазарите на акции во Њујорк. Индексот Дау Џоунс забележа пад од 0,1 процент, а и цената на нафтата забележа значителен пад од 27 центи за барел. Во меѓувреме американскиот претседател Барак Обама и водечките политичари во Конгресот од неговата Демократска партија и од Републиканската партија се обидуваат во последен момент да спречат пропаѓање на преговорите за буџетот.

Обама денеска во Белата куќа треба да се сретне со лидерите на двете партии во Конгресот. Рокот за постигнување договор за буџетот завршува во понеделник. До тогаш, како што предупреди американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер, САД ќе ја достигнат законски утврдената граница на максимални задолжувања од 16,39 билиони долари и доколку републиканците и демократите не постигнат договор за финансиската политика за 2013 година, ќе стапат во сила законски утврдените вонредни мерки и ќе настане, како што Американците го нарекуваат, „фискален јаз“.

USA - Präsident Obama kehrt aus dem Urlaub zurück
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: dapd

Според законот донесен од страна на Конгресот во средината на 2011 година, американската влада по достигнувањето на лимитот на долгот повеќе не ќе смее да се задолжува на финансиските пазари и автоматски во сила стапуваат зголемувања на даноците и намалувања на државните издатоци во вредност од речиси 600 милијарди долари. Граѓаните и компаниите во земјата ќе бидат дополнително финансиски оптоварени. Економистите стравуваат дека тоа би можело да ја турне најголемата светска економија во рецесија.

Даночната политика - камен на сопнување

Американските медиуми во меѓувреме прогнозираат дека решение за спорот за буџетот ќе биде постигнато дури по почетокот на новата година, значи по истекот на рокот на 31. декември, но сепак навремено за да се спречи американската економија да западне во рецесија.

Главна спорна точка во преговорите за буџетот за 2013 година е даночната политика. Демократите на Обама сакаат зголемување на даноците за најбогатите во земјата односно за домаќинствата со годишен приход од 250 илјади долари, што републиканците решително го отфрлаат.