САД: Македонија е поканета, само одложено
4 април 2008Рајс порача дека Македонија експресно ќе влезе во Алијансата откако ќе го реши спорот со Грција околу името, и истовремено повика на продолжување на разговорите под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.
„Жалиме што Македонија не беше поканета, иако и ние и многу други земји работевме за тоа да се случи. Но НАТО е организација која работи со консензус, а добрата работа е што никој не спореше дека Македонија не е подготвена на ниту еден друг начин, или пак дека не ги исполнила критериумите. Така што, доколку внимателно читате, ќе видите дека Македонија е всушност поканета, но откако ќе се најде решение за спорот за името. Јас секако се надевам дека тоа ќе се реши брзо, и јас реков дека ние не го криевме фактот дека веруваме оти Македонија требаше да биде поканета, но ова е организација која работи со консензус. “
На прашањето како ќе се реши проблемот и дали Македонија ќе мора да го смени името, Рајс не одговори директно. Таа посочи дека треба да продолжат преговорите под покровителство на амбасадорот Метју Нимиц, како начин да се реши спорот за името.
„Во завршниот документ се вели што е можно побрзо. Јас мислам дека сојузниците навистина мислат што е можно побрзо, бидејќи сите се загрижени дали пораката ќе биде правилна за Македонија и за македонскиот народ, а тоа е дека тие на ниту еден начин не потфрлија за да не добијат покана за членство во НАТО. Тие ќе бидат поканети откако ќе се реши проблемот со името“, изјави американската државна секретарка.
Претходно и американскиот претседател Џорџ Буш испрати порака со слична содржина до Македонија, изразувајќи жалење поради грчкото вето.
Критики на сметка на Грција
По блокадата на Атина и американските медиуми, пред се печатените му посветија поголемо внимание на проблемот. Највпечатлив беше коментарот во влијателниот Њујорк Тајмс. Уредничкиот борд на најголемиот американски весник, несвојствено остро и директно ја нападна Грција поради ветото.
„Македонците си заминаа од самитот на НАТО и ние не можеме да им забележиме поради тоа. На Хрватска и Албанија им беа поделени покани, но Македонија беше блокирана поради една апсурдна причина: На Грција не и се допаѓа нејзиното име.
Ваквата одлука е срамна за Грција и е понижувачка за НАТО, кој има далеку поважни проблеми и предизвици за кои треба да се грижи“, напиша Њујорк Тајмс.