1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и натаму заинтересирани за проширување на НАТО кон Балканот

БГ/миа12 јули 2013

Во комисија на горниот дом на американскиот парламент беа сослушувани тројца кандидати кои ќе преземат клучни функции во односите меѓу САД и Европа и за проширувањето на НАТО.

https://p.dw.com/p/196cm
Фотографија: Getty Images

Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат вчера (11.07) одржа сослушување на тројца предложени кандидати за клучни позиции во односите меѓу САД и Европа, при што беше изразена поддршка за проширувањето на НАТО кон Балканот.

Пред сенатската Комисија сведочеа Викторија Нуланд (на фотографијата), како номиниран заменик државен секретар за Европа, генералот Даглас Лут, кој е номиниран за нов амбасадор во НАТО и Даниел Баер, како кандидат за местото амбасадор во ОБСЕ.

„Јас лично ќе бидам посветен на проширувањето на НАТО. Долгогодишна политика на НАТО и на САД е вратата за членство да се држи отворена, не само за балканските земји, туку и за Грузија“, изјави генералот Лут на прашањето на сенаторот Кристофер Марфи кој претседаваше со сослушувањето на тројцата номинирани функционери. Лут, кој е поранешен командант на силите на НАТО на Косово, е изборот на претседателот Обама да го наследи Иво Даалдер на амбасадорската позиција во Брисел.

Викторија Нуланд, која треба да дојде на испразнетото место на заменикот државен секретар Фил Гордон, во своето обраќање се осврна на потребата од решавање на замрзнатите проблеми на Балканот, но притоа не го наведе македонско- грчкиот спор. Нуланд го поздрави постигнатиот договор меѓу Косово и Србија и навести дека вниманието на САД ќе се сврти кон обидите да се издејствува договор за статусот на Кипар.

„Мораме да се фокусираме на незавршената работа во Европа. Денес имаме реална шанса да го искористиме менувањето на ставовите за 40-годишната поделба на Кипар. И не смееме да ги изневериме другите членови на нашето европско и евроазиско семејство кои премногу долго се заробени во замрзнати конфликти и територијални спорови“, изјави Нуланд, која во подоцнежното испрашување од страна на сенаторите оцени дека од скоро постои подготвеност во Кипар, Грција и Турција да се надмине овој спор, со цел да се искористат новооткриените резерви на гас во економската поморска зона на Кипар, а за кои САД инсистираат дека може да се искористат само доколку постои договор меѓу кипарските Грци и Турци. Нуланд, Лут и Баер сега се соочуваат со гласање во Комисијата, по што за нив треба да се изјасни и целиот Сенат.