1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го осудија нападот на сириската војска на Кусајр

ЖА/дпа/ртре21 мај 2013

Вашингтон ја осуди офанзивата на сириската армија врз бунтовничкото упориште Кусајр. Шефот на британската дипломатија Хејг пак го предупредува режимот во Дамаск: Не е исклучена ниедна варијанта за решавање на кризата.

https://p.dw.com/p/18bGM
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Со нападите владата на сирискиот претседател Башар ал Асад целно распалува тензии меѓу различните верски групи, изјави заменикот портпарол на американското министерство за надворешни работи Патрик Вентрел во Вашингтон.

САД го критикува вклучувањето на шиитската милиција на Хезболах од соседен Либан во офанзивата. Хезболах придонесува за ескалација на насилството и предизвикува нестабилност и во Либан, изјави Вентрел. Американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор со либанскиот колега Мишел Сулејман синоќа ја изразил својата загриженост поради вмешувањето на шиитските милиции во сириската граѓанска војна.

Сириското воздухопловство во неделата започна со напади врз Кусајр, а потоа кон градот тргнаа владините трупи и борци на Хезболах. Обиени се повеќе луѓе, а исто така и 28 борци на Хезболах во нападот. Сириската армија со недели се обидува да ја поврати контролата врз стратешки важниот град меѓу Дамаск и средоземноморскиот брег. Кусајр е повеќе од една година упориште на бунтовниците.

Хејг: отворени се сите опции

Велика Британија пак го предупреди сирискиот претседател Башар ал-Асад дека не се исклучува ниту една варијанта во однос на евентуалното вооружување на бунтовниците и изјави дека ќе инсистира ЕУ да направи уште промени во своето ембарго за оружје кон земјата.

Во парламентот шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг изјави дека ЕУ треба да го преразгледа своето ембарго за испраќање оружје за Сирија, се‘ додека не донесе одлука дали да ја вооружува сириската опозиција.

„Треба јасно да кажеме дека доколку режимот не преговара сериозно на претстојната Женевска конференција, ниту една варијанта не е исклучена. Има голем ризик дека режимот на Асад нема да води сериозни преговори“, рече Хејг.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад игнорантски реагираше на новите планови за мировни преговори на САД и Русија, што беа соопштени пред две недели, а се предвидува да се одржат во Женева на почетокот на јуни.