САД го зголемуваат притисокот врз Иран
19 мај 2010САД ја претставија предлог- резолуцијата со која треба да бидат воведени нови заострени санкции против Иран поради неговото одбивање да ја прекине спорната атомска програма. Резолуцијата ја поддржале сите пет постојани членки на Советот за безбедност кои имаат и право на вето, САД, Велика Британија, Франција, Русија, и Кина.
Претставувајќи ја нацрт- резолуцијата во Комитетот за надворешни односи на Сенатот, американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, се потруди веднаш да ги отстрани сомневањата оти за да се придобие согласноста на Русија и Кина, предлог резолуцијата е резултат на минимален консензус: „Во соработка со Русија и Кина, постигнавме согласност за предлог резолуција за заострени санкции за Иран.“
Досегашните санкции беа воведени поради одбивањето на Техеран да ја запре програмата за збогатување ураниум и да им допушти на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија пристап до своите нуклеарни постројки. Договорот од минатиот викенд меѓу Бразил Турција и Иран е речиси сличен на понудата на САД, Русија и Франција за замена на иранското нуклеарно гориво со посредство на Меѓународната агенција за атомска енергија од октомври 2009 година, која Техеран ја отфрли. Хилари Клинтон истакна дека договорот за нови санкции е „Најуверлив одговор за напорите превземени во Техеран во последните неколку дена“ -„Ние целосно ги сфаќаме и разбираме турско- бразилските напори за изнаоѓање решение.“
Според проценките на американската влада, Иран во последно време повеќепати изрази подготвеност на компримис, но не се придржуваше до дадените ветувања. Шансите дека сите 15 членки на Советот за безбедност ќе ги поддржат санкциите се многу добри. Меѓутоа се’ уште е отворено прашањето: дали тие санкции ќе имаат ефект. Имено во моментов САД на Иран дневно му уплатуваат 100 милиони долари за испорака на нафта.
Автор: Ралф Зина/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска