1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го губат чекорот

19 ноември 2007

Во јужноафриканската метропола Кејптаун, деновие се одржа дводневна американско-африканска средба посветена на економската соработка.

https://p.dw.com/p/CIoX
Додека Европа и САД зборуваат, Кина дејствува во АфрикаФотографија: Montage DW / AP

Шестиот американско – африкански самит беше првиот што се одржа на африканско тло. Веќе тоа доволно зборува, зашто за Американците добри 15 години Африка не беше само црн континент, туку и цран дупка, признава Роберт Мосбахер, претседател на ОПИЦ, најголемиот американски инвеститор во Африка:

„Сметам дека континентот долги години беше запоставен. Сега се зголемува бројот гласови дека се нудат многу шанси„.

Но, ова би можело да се покаже како пуста желба. Американците се уште се најголемиот поединечен инвеститор во Африка, меѓутоа 80 насто од трошоците одат во нафта и гас. Ако се исклучи енергетскиот сектор, тогаш и јужно-африканците се пред САД како инвеститори на континентот, признава шефот на американскиот совет на фирми за Африка ЦЦА, Стивен Хејс:

„Ако се спореди големината на јужно-африканското стопанство со американското, тогаш станува збор за срамота„.

За Кина и да не се зборува. Околу 250 Американци на конференцијата, финансиски инвеститори, но и претседатели на концерни како Џенерал Електрик или ХП, делуваа беспомошно. Секогаш кога САД ќе успеат да издејствуваат преку инстанците некој фонд за помош, на пример за Гана во износ од 500 милиони долари, непосредно потоа Кина ги надминуваше. Фонд од 5 милијарди долари за Конго и долгорочен план за инвестиции од дури 280 милијарди долари. Кинеските директни инвестиции во минатата година достигнаа 11,7 милијарди. Најдоцна во 2012 година ќе ги надминат Американците како најголем инвеститор. Кинескиот експерт за нафта и Африка, професорот Јанг Гуанг зборува за состојба во која обете страни можат да добијат:

„Од една страна Кина може да и помогне на Африка да ги унапреди инфраструктурата и технологијата, а од друга Африка и’ помага на нашата зголемена потреба посебно од суровини„.

Зделките со нафта одат рака под рака со изградбата на патишта и мостови, со информатичката техника и телеком - потребите. Во Маврициус, најави на конференцијата неговиот министер за стопанство Рамакришна Ситанен, штотуку се раѓа специјална индустриска зона за 500 милиони долари, слична како во Кина. Следниот чекор, вели професор Јанг, се финансиските инвестиции. Кина не бара само нафта, туку има потреба од ефтина работна сила и нови пазари. Американските претставници зборуваа за ризици, корупција и добри влади на што веднаш уследи критика. Претседателот на Намибија, Похамба, се пожали на лошите последици од американската економска програма за Африка, АГОА. Намибија чекаше шест години додека почна да сади лози, а на говедското месо, чиј квалитет е спорен, се уште се чека:

„Притоа, цврсто сум убеден дека кога нашите земјоделски прозиводи би имале пристап на американскиот пазар, драстично ќе се подбрат условите за живот на милиони африкански селани„.

Африканците јасно укажаа на тоа какви шанси пропуштаат САД: воените конфликти се намалија, се повеќе држави имаат добри влади, вклучувајќи добри насоки во трговијата, закони за инвестирање и во битката против корупцијата. Растежот јужно до Сахара годинава веројатно ќе достигне 7 проценти, а Стивен Хејс признава:

„Нам вистина ни се заканува опасноста да заостанеме. Ако во наредните две-три години не се престроиме, тој процес веќе нема да може да се спречи„.

Најавен е значи нов курс, но на конференцијата не се оцрта и нов концепт за него.