1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД гонат новинари како „предавници“

Михаел Книге/Б. Георгиевски6 август 2013

Администрацијата на Барак Обама драматично го заостри курсот против новинарите кои откриваат државни тајни. Се‘ почесто тие се прогласуваат за предавници, а од различни страни се бара да им се суди.

https://p.dw.com/p/19KIP
Фотографија: Getty Images

Понекогаш е доволна и една реченица за лавината да тргне. Така беше и на 23 јули годинава, кога Дејвид Грегори, водител на една од најважните и најстарите политички ТВ емисии во САД - Средба со печатот - го запраша новинарот на „Гардијан“, Глен Гринволд, дали и тој треба да биде осуден поради тоа што ги објавил информациите за работата на НСА кои ги добил од Едвард Сноуден.

Ова прашање и одговорот на Гринволд се проширија на интернет како пожар. На нозе се дигнаа новинарите - и со право. На крајот на краиштата, еден од највлијателните новинари во Вашингтон го праша својот колега дали и тој не сторил предавство на својата земја?

Кусо пред овој настан, застапникот на Републиканците во Конгресот, Петер Кинг побара нешто слично, имено да му се суди и на Гринволд. Фактот дека и Грегори го постави ова прашање во својата емисија доволно говори само за себе. Дискусијата околу тоа дали новинарите смеат да поседуваат тајни документи и истите да ги објавуваат го достигна политичкиот мејнстрим во земјата.

Ретки затворски казни

Објавувањето непосакувани или тајни информации од страна на медиумите или новинарите, на властите отсекогаш им било трн в око. Во САД, на пример, новинарите можат да бидат принудени по судски пат да ги објават изворите на своите информации. Еден од најпознатите случаи е на репортерката на Њујорк Тајмс, Јудит Милер, која во 2004 година беше осудена на 18 месеци затвор поради одбивање да ги открие изворите. Во затвор мина 12 месеци, а тогаш се јави нејзиниот информант и ја ослободи од обврската да ја чува тајната.

USA Journalistin Judith Miller
Новинарката Јудит МилерФотографија: Getty Images

Но, затворските казни за новинарите досега беа реткост. Тие не беа кривично гонети ниту при големи афери како оние поврзани со војната во Виетнам или аферата Вотергејт, по која оставка си поднесе претседателот Ричард Никсон. Но тоа не значи дека врз новинарите не се врши притисок.

„Веќе одамна новинарите се молат, од нив се бара или се присилуваат да ги откријат своите информанти доколку се работи за теми поврзани со безбедносната политика. Тие тоа најчесто не го прават, па притисокот расте“, вели Фредерик Шауер, експерт за уставни прашања од Универзитетот во Вирџинија.

Владата на Барак Обама откри нови начини како да го прави тоа. Во моментов американските судови разгледуваат три случаи во кои владата се обидува да ги присили новинарите да ги откријат своите извори на информации, односно случаи во кои владата веќе дошла до тие информации и тоа преку методи какви што користи тајната служба.

Најпознатиот од овие три, е случајот на тајните снимки од телефонските разговори во новинската агенција Асошиејтед прес. Причината за прислушкувањето никогаш не беше соопштена, а во АП претпоставуваат дека се работи за информациите околу еден спречен терористички напад.

Новинар - предавник?!

Во вториот случај се работи за репортерот на Њујорк Тајмс и експерт за работата на тајните служби, Џејмс Рисен. Од него се бара да сведочи на суд во процесот против поранешен соработник на ЦИА. Рисен тоа го одбива и вели дека е подготвен да оди и во затвор.

Третиот и досега најкарактеристичен е случајот на новинарот на Фокс, Џејмс Роузен. Министерството за правда не само што му ги одзеде телефоните и електронската пошта, туку бил и постојано следен. Тој им паднал в очи на властите за време на истрагата против поранешниот вработен во Стејт департментот, Стивен Ким. Ким е обвинет дека предал таен извештај за Северна Кореја, а Роузен објавил детали од тој извештај.

Interview James Rosen mit John Kerry Fox News
Новинарот Џејмс Роузен го интервјуира државниот секретар Џон КериФотографија: U.S. Department of State

Она што е спорно во овој случај е тоа што Роузен е ко-обвинет за предавство. Тоа е нешто сосема ново. Досега ниту еден новинар во САД не беше обвинет за предавство поради објавување тајни информации.

„Објавувањето на налог за претрес во случајот Роузен јасно покажува дека претседателот Обама зачекори во едно подрачје во кое досега не зачекорил ниту еден американски претседател. Досега само Никсон му нанесе поголема штета на новинарството во САД од Обама“, вели правникот Џејмс Гудејл од Њујорк Тајмс.