1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ветија само хуманитарна помош за сириските бунтовници

БГ/афп28 февруари 2013

Вашингтон повторно одби да им испрати директна воена помош на сириските бунтовници кои војуваат против режимот на Асад. Од средбата во Рим, ветување само за зголемување на хуманитарната помош

https://p.dw.com/p/17nuI
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД се согласија да им испратат директна невоена помош на сириските бунтовници, соопшти американскиот државен секретар Џон Кери по состанокот на западните и арапските „Пријатели на Сирија“ во Рим. Иако пораката е разочарувачка за противниците на режимот на Башар Ал Асад кои се надеваа на помош во оружје од западот, сепак состанокот понуди охрабрувачки пораки од групата која ја потенцираше потребата од „промена на балансот на силите на теренот“.

Во завршната изјава се наведува дека учесниците „ќе ги координираат своите напори за на најдобар начин да му помогнат на сирискиот народ и да ја поддржат Врховната воена команда на бунтовничката армија во нивната самоодбрана“.

Паралелно со состанокот во Рим, средба во Москва одржаа претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Франсоа Оланд. Тие се согласиле дека не смее да се дозволи распад на Сирија, но имале различни мислења во однос на другите аспекти од конфликтот.

„И покрај постојните разлики меѓу Русија и Франција за Сирија, ние се залагаме за Сирија како интегрална и демократска земја“, изјави Путин на заедничката прес-конференција.

Повеќе од 70 илјади Сиријци ги загубија животите во жестоките борби од почетокот на конфликтот пред речиси две години. Речиси еден милион луѓе ја напуштија земјата, а повеќе милиони се водат како внатрешно раселени.

По средбите во Рим, Кери најави дека Вашингтон ќе ја удвои помошта за сириската цивилна популација со тоа што ќе обезбеди дополнителни 60 милиони долари помош во храна, санитет и медицинска помош.

Сириската национална коалиција, опозициска група со седиште во Каиро, долго време апелира за воена помош од западните сојузници и арапскиот свет, а во пресрет на состанокот во Рим се закани и со бојкот на средбата. На крај, нивното присуство беше обезбедено под голем притисок од САД.

Резултатот од средбата е разочарување за сириската опозиција која очекуваше софистицирани анти-тенковски и анти-авионски орудија во битката против Асад. Од друга страна, Вашингтон стравува дека оружјето би можело да им падне в раце на исламски екстремисти кои се борат на страната на бунтовниците.

Сепак, европски дипломат најави дека постои можност следната недела на средба во Истанбул да се договори и дополнителна помош за бунтовниците.