1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Садам Хусеин: кариера што почива врз лешеви

Питер Филип30 декември 2008

На 30 декември 2006 година беше погубен поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин. Тој беше осуден поради смртта на 143 луѓе во едно село, па поради тоа не му беше судено за убиство и протерување на Курдите.

https://p.dw.com/p/GOrK
За време на една негова посета на Киркук, северен Багдад, 1998 годинаФотографија: AP

„Смртната казна не ме потресува многу. Не се плашам од егзекуцијата. Вие ме знаете многу подобро од сите други луѓе на светов. Никој не треба да зборува за моето време, од 1959 година до денес“.

Од денешна перспектива, ова е една грозоморна изјава на поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин пред судот во Багдад. Обвинет е и осуден за смртта на 143 жители на местото Духеил во 1982 година. Во вториот процес требаше да се утврди дали носи одговорност и за убиството и протерувањето на повеќе од 100.000 Курди, кон крајот на осумдесеттите години. Сепак, овој процес никогаш не почна - на петти ноември 2006 година Садам Хусеин беше осуден на смртна казна поради масакрот во Духеил.

Последен пат на насловните страници

Video-Aufnahme von Saddam Hussein nach der Hinrichtung in Bagdad Quelle: Biladi TV
Последен пат на насловните страници: обесенФотографија: AP

„Судот го осудува обвинетиот Садам Хусеин ал Махид на смрт со бесење...“

Пцовките на осудениот беа погласни од судијата. Кратко потоа пресудата беше потврдена и на 30-ти декември Садам Хусеин беше обесен. За последен пат се најде на насловните страници - неговата егзекуција беше тајно снимена и сцената ја виде целиот свет.

Американскиот претседател Џорџ Буш искажа задоволство од процесот и пресудата на судот во Багдад: „Процесот против Садам Хусеин е еден од главните темелници на ирачките напори владеењето на еден тиранин да се замени со владеењето на правната држава. Ова е големо достигнување за младата ирачка демократија“.

Садам Хусеин беше погребан во родниот град Тикрит, покрај синовите Удаи и Кузаи. Токму во Тикрит почнува животната приказна на човекот кој влијаеше на судбината на Ирак и регионот како никој друг во изминативе децении.

Жртва на сопствениот карактер

BGSH Saddam Hussein
Ирачкиот диктатор со семејството во 1990 годинаФотографија: AP

Садам Хусеин израснал со вујко му, чиј национализам и воодушевување од нацистите биле исто толку големи колку и вулгарноста на неговиот очув. Познато е дека Садам не израснал во особено религиозна околина и подоцна се покажа како голем љубител на шкотско виски, кубански пури и русокоси девојки. Направи се` за да ја оствари својата цел: да стигне до врвот на државата. Ги ликвидираше конкурентите од сопствените кругови, масовно бесеше комунисти, Евреи, па дури и офицери. Неговата кариера почиваше врз лешеви. Дури и неговите најблиски пријатели и роднини никогаш не беа на сигурно со човекот кој живееше по мотото: подобро еден невин мртов, отколку еден виновен жив.

Ирачкиот диктатор никогаш не страдаше од недостаток на самодоверба и со текот на времето стана жртва на сопствениот карактер. Ова го носеше Ирак од една несреќа во друга: војната против Иран, освојувањето на Кувајт и на крајот, нападот од САД во 2003 година. Садам Хусеин изгради тоталитарна држава, под целосна контрола на тајната служба и потиснување дури и на најмалата критика.

Соработка што не траеше долго

EXPRESS Exstrablatt Deutschland Presse
Германскиот печат го објавува почетокот на војната во Ирак на 20 март 2003Фотографија: AP

Шокот што го предизвика Иранската исламска револуција на Западот направи Садам Хусеин да изгледа како „помалото од двете зла“. Франција и американската ЦИА му помогнаа во борбата против Иран. Сепак, соработката не траеше долго и од војната во Кувајт владееше отворено непријателство меѓу Вашингтон и Багдад.

„Агресивноста на денешната американска администрација може да се објасни со една причина - сакаат да владеат со светот и да ја контролираат нафтата“, велеше Хусеин.

Војната што САД ја почнаа против режимот на Садам Хусеин во 2003 година беше поткрепена од претпоставките дека Багдад е главен спонзор на тероризмот и располага со оружје за масовно уништување. Двете теории на крајот се покажаа како неточни и самиот Џорџ Буш мораше да признае дека овие две погрешни информации беа најголемите грешки за време на неговото владеење.