РФМ официјално ќе протестира до ИХФ
20 јануари 2013РФМ вчеравечер (19.01), веднаш по пристигнувањето во Барселона, побара денешниот натпревар Македонија – Германија, кој треба да се игра со почеток од 15 часот и 45 минути, да биде одложен поради малтретирањето со превозот од Севиља кој траеше речиси во текот на целиот вчерашен ден и неможноста да се одржи квалитетен тренинг во пресрет на осминафиналето на Светското првенство.
Причина за десетчасовното малтретирање на македонските ракометари беше вчерашното невреме во Шпанија кое предизвика прекин на транспортните комуникации на брзата желeзница. Според најавите од македонската делегација, ќе следува официјален протест до ИХФ и до организаторот.
Мечот во палатата Сан Жорди, за македонската репрезентација ќе биде еден од најважните натпревари во последните неколку години, бидејќи со победа „црвено-жолтите“ ќе се најдат меѓу најдобрите осум репрезентации на планетата. Традицијата во меѓусебните дуели е на страна на Германците, бидејќи тие ги добиле трите досегашни пресметки.
На Мундијалот во 1999 година во Египет, Германија победи со 36:25, на Светското првенство во 2009 година во Хрватска резултатот беше 33:23 за Германија, а најсвеж е натпреварот од пред една година на ЕП во Србија, кога во Ниш, Македонија на неполни две минути имаше предност од еден гол и контра, а на крајот загуби со 24:23.
Германскиот селектор, Мартин Хојбергер, од моментот кога ја презеде функцијата, ја подмладува селекцијата, па од страта гарда во тимот се’ уште се само специјалистот за одбрана Оливер Рогиш и Доминик Клајн. Германија во многу нешта се потпира на зоната 6-0 и голманот Силвио Хајнефетер.
Освен натпреварот Германија – Македонија (15:45 часот) денеска во осминафиналната фаза на Мундијалот ќе играат и: Бразил – Русија (17:30), Данска – Тунис (20:15) и Исланд – Франција (20:15).