1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рутина без славје

Рајнер Зитфелд10 октомври 2006

Советот за безбедност на ОН го номинираше јужнокорејскиот министер за надворешни работи, Бан Ки Мун за наследник на Кофи Анан на местото генерален секретар на ОН. Коментар на Рајнер Зитфелд.

https://p.dw.com/p/Adwd
Бан Ки Мун
Бан Ки МунФотографија: picture-alliance / dpa

Сеедно дали се работи за вистинска нуклеарна проба или не, дали моќникот од Пјонгјанг пробува да крене мал бунт или има вистински но одвај употребливи атомски бомби – изборот беше засенет. Провокацијата од Северна Кореја на министерот за надворешни работи на Јужна Кореја јасно му стави до знаење дека генералните секретари во Советот за безбедност имаат повеќе второстепена улога. Неговата номинација мина во сенка на нуклеарниот спор, беше рутина без славје.

Менаџер во седиштето на ОН на Ист Ривер, како што си посакуваше и американскиот амбасадор во ОН, Џон Болтон. Бан Ки Мун – тивок, урамнотежен, љубезен и вреден, дипломат од кариера како од учебниците. Бан Ки Мун е т.н. сончев политичар, кој се залага за отворање на неговата земја кон браќата и сестрите на север, кој шестпартитните преговори ги гледа како решение за атомскиот проблем и кој притоа се обидува да посредува меѓу половите Пекинг и Вашингтон. Т.н. сончева идеја подразбира приближување на поделениот полуостров. Во Советот за безбедност, а не во јужнокорејското министерство за надворшени работи отсега ќе се покажува дали сонцеот ќе зајде.

Бан Ки Мун е баран уште пред да стапи на должност, зашто во Советот за безбедност, и покрај сета заедничка огорченост, Кина и САД ќе се судрат една со друга. Тонот меѓу двете земји беше повеќе од рапав уште пред да биде извршена нуклеарната проба. Американскиот амбасадор, Болтон индиректно ја посочи Кина како сила заштитничка на Северна Кореја. Неговиот колега Ванг ова го отфрли повеќе од решително.

По ударот кој го регистрираа сеизмолошките инструменти, сега следува втор удар – дипломатски, кој ако биде онаков каков што го најавија амбасадорите на Вашингтон, Париз, Лондон или Токио, би можел да значи крај на подготвеноста за преговори на диктаторот во Пјонгјанг. Ким Јонг Ил пред 13 месеци го откажа учеството во шестпартитните преговори поради едностраните финансиски санкции на САД.

Нови санкции, од кои најмногу ќе страда народот, кој и онака веќе страда, може да доведе до непредвидливи реакции на Северна Кореја. Затоа кинескиот амбасадор е неуморен кога укажува на излезот кој според него е единетсвено можен – Вашингтон конечно да преговара самиот со Пјонгјанг.

За Бан Ки Мун ова ќе биде првиот лакмус тест во неговиот мандат кој уште и не почнал. Како идниот генерален секретар, кои некои веќе го нарекоа марионета на Вашингтон и наследник на Анан кој ќе зависи од милоста на Болтон, ќе се однесува кон барањата на Белата куќа за санкции или кон барањето на Кина за директни разговори? Шефот на ОН е на маки. На маки го стави една нуклеарна проба, која можеби и не беше вистинска, но можеби и беше и која на Бан Ки Мун му ја отежни дури и работата за зачувување на мирот и безбедноста во неговата татковина.