Рускиот јазик ја подели Латвија
18 февруари 2012Проруската невладина организација „Мајчин јазик“ ја започна битката за признавање на рускиот јазик како втор официјален јазик во оваа балтичка држава. До крајот на ноември организацијата собра 187 000 валидни потписи, што е доволно за законот да помине во собранието, но владејачката коалиција гласаше во декември против него и поради тоа денеска се организира референдум. Анализите покажуваат дека референдумот ќе ги продлабочи разликите меѓу Латвијците и руското малцинство.
Радикалните десничарски политичари со собири, на кои се пушташе и рап музика, го убедуваа населението да гласа за воведување на рускиот како втор службен јазик во Латвија. Русите во земјата сочинуваат повеќе од четвртина од двомилионската популација.
„Покрај што сме граѓани на Латвија, јас и многу други луѓе сме исклучени од процесот на донесување одлуки во земјава во минатите дваесет години“, забележува 47 годишниот хирург Максимс Марголинс, кој припаѓа на руското малцинство.
Максимс вели дека нема намера да и’ ги избрише двете децении независност на државата, туку сака само владата да му дозволи да зборува со своите пациенти на руски, ако тие тоа го сакаат.
Проблеми да се најде работа без познавање на руски јазик
Пробивот на рускиот јазик како втор официјален во медиумите почна да се прави минатата пролет. Латвиската националистичка опозициона партија безуспешно се обиде да го запре билингвалното учење во државните училишта за етничките малцинства. Тие сметаат дека се’ повеќе баратели на работа, кои зборуваат само латвиски јазик, се дискриминирани на пазарот на труд. Такво искуство имала и 20 годишната продавачка Анита.
„Пред некое време имав интервју за работа во познат ресторан за брза храна. За време на интервјуто одеднаш ми се обратија на руски. Сосема се збунив и можев да кажам само неколку зборови – дека имам деветнаесет години и дека живеам во Рига. Иако имам работно искуство, мислам дека ме одбија поради лошото познавање на рускиот јазик“, вели Анита.
Таа смета дека во главниот град не може да се напредува, ако течно не се зборува руски. Затоа, таа планира на референдумот да гласа „против“ добивањето на официјален статус на рускиот јазик. Таа едноставно смета дека треба да има право да си го зборува мајчиниот јазик во главниот град.
Мнозинството е малцинство во својата земја
Анита не е единствената што е загрижена. Сармите Павулена е од латвискиот Државен јазичен центар, владино тело кое поттикнува употреба на официјалниот јазик.
„Ако се воспоставеше рускиот јазик како втор официјален јазик, тогаш луѓето кои немаат желба да зборуваат латвиски немаше да бидат мотивирани да го користат јазикот во иднина. Ако ја погледнете Рига и останатите поголеми градови тогаш ќе видите дека поголемиот дел од луѓето зборуваат руски, а Латвијците се малцинство. Одберете која сакате продавница и најверојатно ќе слушнете руски јазик“, вели Павулена.
Референдумот предизвика етнички тензии во земјата, а за тоа се одговорни политичарите од сите страни. Се смета дека половина од руското население во Латвија не се ниту латвиски државјани и затоа немаат ниту право да гласаат. За да станат латвиски државјани мораат да положат тест за познавање на латвискиот јазик и да се откажат од руските пасоши.
Референдумот осуден на неуспех
Таквата состојба направи поделено општество, кое најмногу ги погодува децата, смета Анхелита Каменска, шефица на латвискиот Центар за човекови права.
„Фактот дека имаме седумнаесет и пол илјади такви деца значи дека не го намалуваме бројот на лица кои не се државјани, туку создааме нова популација на недржавјани. Немам сомнеж дека овие деца кога ќе завршат училиште ќе зборуваат латвиски“, вели Каменска и додава оти повикот за втор службен јазик може да направи проблеми, бидејќи смета дека тој е повик за повторно размислување за значењето на националната држава.
Референдумот кој прави поделба во двете јазични и етнички заедници се чини дека е осуден на неуспех. За да стане рускиот втор службен јазик потребна е поддршката од 770 000 гласачи, а тоа е преамбициозно за коалицијата на етничките руски партии. Во меѓу време, владеачката партија и латвиските националисти го повикуваат населението да излезе на референдумот и да гласа „против“ за да покаже лојалност кон латвискиот национален идентите.
Автор: Гедертс Гелзис / Александар Методијев
Редактор: Ж.Ацеска