1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија се заканува со оружје во Крим

Б. Георгиевски/афп/ртр/ап1 март 2014

Руски политичари не ја исклучуваат можноста од испраќање трупи во украинскиот полуостров Крим. Европските лидери апелираат на воздржаност. Проруски протести и во Доњецк.

https://p.dw.com/p/1BHxN
Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Состојбата на украинскиот полуостров Крим, каде проруски вооружени лица ја презедоа контролата врз регионалните институции и врз локалните аеродроми, се заканува да ескалира во вооружен судир. Сѐ погласни се најавите на локалното раководство дека ќе се оди во правец на отцепување на регионот, во кој живее мнозинско руско население.

Тензиите ги подгрева и Русија чии претставници денеска во неколку наврати повторија дека Москва ќе им излезе во пресрет на барањата за помош на регионалните власти во Крим.

Претседателот на горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвијенко денеска не ја исклучи ниту можноста од испраќање дополнителни воени сили во регионот, како ни евентуалната употреба на сила со цел „да се нормализира состојбата“.

Мнозинството во руската Дума, пак, побара од претседателот Путин да „преземе мерки за заштита на народот на Крим од тиранијата и насилството“.

Schwarzmeerflotte Armee Soldaten Ukraine Konflikt Krim
Руската поморска флота во КримФотографија: picture-alliance/dpa

Апели за намалување на тензиите

Украинските власти ја обвинуваат Москва дека веќе испратила околу 6 илјади војници во базата во Севастопол, на југот на земјата. „Русија од вчера испраќа свои сили без известување и без дозвола од Украина, што е во спротивност со принципот на немешање во политиката на соседната држава“, изјави украинскиот министер за одбрана Игор Пенјук.

На ваквите обвинувања руските власти одговорија со контра-обвинување дека вооружени лица под контрола на Киев во текот на ноќта се обиделе да ја заземат зградата на Министерството за внатрешни работи во Крим.

Германскиот, францускиот и британскиот министер за надворешни работи денеска поединечно апелираа до Русија за намалување на тензиите и почитување на територијалниот интегритет на Украина.

Германски прв дипломат Франк Валтер Штајнмајер предупреди дека развојот на состојбата во Крим е опасен и побара од Москва да ги објасни нејзините намери со активирањето и движењето на трупите.

Референдум за отцепување

Регионалните проруски власти во Крим денеска најавија и дека планираниот референдум на кој ќе се одлучува за иднината на полуостровот наместо на 25 мај, како што беше првично планирано, ќе се одржи уште на 30 март.

Bundesaußenminister Frank-Walter Steinmeier Russland 13.02.2014
Франк- Валтер ШтајнмајерФотографија: picture-alliance/dpa

„Имајќи ја во предвид состојбата и со оглед дека конфликтот ја преминува границата на здравиот разум, решивме да го забрзаме одржувањето на референдумот“, изјави регионалниот премиер Сергеј Аксионов.

Во истовреме, повеќе од 10 илјади луѓе, со развиорени руски знамиња денеска излегоа на демонстрации на улиците на Доњецк, индустриски град на истокот на земјата и упориште на поранешниот претседател Виктор Јанукович. Демонстрантите порачаа дека ги поддржуваат заложбите на „Крим да се врати кон Русија“.

Денеска и рускиот енергетски концерн Газпром излезе со предупредување до властите во Украина дека е можен прекин во испораката на гас за земјата. Газпром соопшти дека Киев има долг од 1,55 милијарди долари за неплатен гас. Портпаролот на концернот, Сергеј Купријанов соопшти дека е многу веројатно оти Украина ќе го загуби правото на повластена цена за гасот, кој сега го добива благодарение на договорот за изнајмување на воената база во Севастопол на руската морнарица.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи