1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија сака да ги прогласи невладините организации за агенти?

Роман Гончаренко / Елизабета Милошевска Фиданоска7 јули 2012

Политички активните невладини организации во Русија би требало да се oзначат како „странски агенти“, доколку добиваат пари од странство. Критичарите оценуваат дека тоа е скандалозно валкање на имиџот на НВО.

https://p.dw.com/p/15TIz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не се случува често еден предлог закон да предизвика бран на индигнација како во Русија, така и во странство. „Ова е неприфатлив обид за валкање на името на руските невладини организации“, се вели во соопштението на Советот за координација на форумот за цивилно општество ЕУ-Русија. Пратеникот во Бундестагот од редовите на Зелените, Марилуизе Бек, зборува за „најава на Кремљ за војна против сопственото општество“, огорчени се и експертите. „Тоа е скандалозно, неприфатливо“, оценува за ДВ Ханс-Хенинг Шредер од „Фондацијата наука и политика“, со седиште во Берлин.

Руската Дума вчера (06.07) го одобри во прво читање предлог законот за регулација на работењето на невладините организации. Уште во насловот на предлог законот може да се препознае насоката: се работи за невладини организации кои треба „да исполнуваат функции на странски агенти“. Кој притоа мисли на Џемс Бонд, има делумно право, зашто зборот „агент“ за повеќето Руси е синоним за „шпион“.

Дискредитација на НВО

Во очите на рускиот законодавец невладините организации кои се финансирани од Запад се очигледно слични со странските тајни служби. Така барем на работите гледаат пратениците на владејачката партија кои работеле на подготовка на законот. Денес е можно „преку НВО да се уништи уставниот поредок на една држава“, изјави еден пратеник пред гласањето.

Кој ќе одбие да се регистрира како „странски агент“, ризикува да добие висока парична казна. Властите ќе добијат можност за привремено затворање на НВО. Тоа сепак не ги плаши борците за човекови права, како што е Људмила Алексејева од московската Хелсиншка група: „Нема да се регистрираме во никој случај како странски агенти, зашто тоа не сме“, вели Алексејева. Нејзината реномирана организација, меѓу другото, се финансира и со пари од ЕУ.

Menschenrechtlerin Lyudmila Alekseyeva
Људмила Алексејева: Нема да се регистрираме во никој случај како странски агенти, зашто тоа не смеФотографија: AP

Руските борци за човекови права во спорниот закон гледаат целно „клеветење и фактичко уништување на најголемиот дел од општествените организации“. Сличен став имаат и претстваниците на германските невладини организации кои се активни во Русија. „Овој закон е јасен обид за заплашување на одредени организации“, вели Саша Там, кој до неодамна раководеше со московската канцеларија на фондацијата „Фридрих Науман“.

Да се стесни просторот за дејствување на опозицијата“

  Ханс-Хенинг Шредер верува дека законот има врска со најновиот бран анти-Путин протести во Русија. „Има цела низа иницијативи за да се стесни просторот на дејствување на опозицијата“, вели овој експерт за Русија. Пред неколку недели рускиот парламент го ограничи правото на собирање, вели Шредер. Сега „треба да се замолчат“ невладините организации, кои ги документираат и критикуваат изборните фалсификати. Политикологот Шредер е убеден дека Путин и луѓето околу него имаат „проблем да се снајдат со новата ситуација на ширење информации преку интернет и со критички настроениот урбан среден слој“.

Deutschland Symbolbild Spion mit Hut
За големиот дел Руси „агент“ е рамно на „шпион“Фотографија: Fotolia/julia_freeman

Саша Там од фондацијата „Фридрих Науман“ верува дека новиот закон ќе наиде на позитивно ехо пред се‘ во слоевите на населението „кое е на страната на Путин, кое знае многу малку за странство и има неопределена фобија против странство“. Кај критички настроените елити меѓутоа, законот нема да има „успех“. Сепак, експертот не исклучува дека предлог законот може да претрпи промени до неговата трета, крајна верзија во парламентот.