1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руд ван Нистелрој – за Холанѓаните “Ангел спасител”

16 јуни 2004

Реакции и оцени по натпреварот од Европското првенство во фудбал Германија – Холандија 1 : 1

https://p.dw.com/p/AenK
Репрезентацијата на Германија на ЕП-фудбал
Репрезентацијата на Германија на ЕП-фудбалФотографија: AP

Во германскиот табор преповладува задоволство од оствареното на средбата со Холандија, иако провејува и жал за испуштената шанса за победа, посебно затоа што израмнувањето падна на девет минути пред крајот по велемајсторски потег на Руд ван Нистелрој. Нему му претходеше грешка на штотуку влезениот во игра Фабијан Ернст, кој не може да си го прости киксот: “Добро, работата оди на мој товар. Јас направив грешка пред израмнувањето на 1 спрема 1, и штета е што така мораше да заврши”. 25-годишниот играч на германскиот првак “Вердер” им се извини на соиграчите, иако сите му упатија зборови на утеха. “Тој не беше единствениот што направи грешка, но неговата беше тешко казнета”, рече Филип Лам.

Можеби уште побитно од резултатот е дека репрезентацијата се претстави во добро издание и ги демантира сите скептици. “Мислам дека во првото полувреме одигравме најдобар фудбал за долго, долго време. На Холанѓаните не им дозволивме да ја развијат својата игра. Но, тоа ниво, се разбира, на едно европско првенство мора да се одржи 90 минути, па Холанѓаните во некои фази извршија голем притисок врз нашиот гол, и - кога и да е - едноставно и ќе дојде до 1 спрема 1” – рече капитенот Оливер Кан. Селекторот Руди Фелер искажа ваква оцена: “Во првото полувреме имавме многу добро остварување, препуштивме малку простор и добро ги контролиравме Холанѓаните. Покрај тоа имавме и по некоја шанса”.

Во Холандија оцените за играта на својата репрезентација се почесто лоши, отколку пофални. “Ангел-спасител” и “Ладнокрвна машина за голови” - го коментираат денеска весниците потегот на Руд ван Нистелрој при израмнувачкиот гол. Легендата на холандскиот фудбал Јохан Кројф вели дека сите редови на репрезентацијата на секој дел од теренот дејствувале лошо. Задоволство тој искажа само од резултатот. Селекторот Дик Адвокат, кој е мета на критика во некои од весниците, изјави дека неговите играчи имале “повеќе проблеми со самите себе си, отколку со Германците”.

Додека навивачите на двете земји во Португалија мирољубиво славеа по средбата, во Холандија имаше и безредија, па само во Ден Хаг се уаспени 26 лица. Телевизискиот пренос го следеа 7,5 милиони од вкупно нешто преку 16 милиони жители на Холандија, а во Германија крај телевизиските екрани во просек имаше преку 25 милиони гледачи или квота од речиси 68 проценти. Повисока квота на гледаност е регистрирана само во финалето на претходното светско првенство.

Како меѓународниот печат го виде мечот?

“Германија ја покажа својата гордост” коментира денеска италијанскиот спорстки весник “Туто Спорт”. За англискиот “Дејли Мирор” тврдењата дека е ова најслаба германска селекција во последните децени “звучат идиотски”. Во меѓународниот печат главно нагласува дека ван Нистелрој ги спасил Холанѓаните. Шпанските весници посебно го истакнуваат Михаел Балак кој со трансфер од 15 милиони евра би требало да ја засили Барселона. Патем, денеска во Минхен е соопштено дека Торстен Фрингс, стрелецот на синоќешниот гол за Германија, инаку досегашен играч на Борусија од Дортмунд, во наредната сезона ќе го носи дресот на Баерн. Трансферот “тежи” околу 10 милион евра.