1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РТ Косово 2 ќе емитува програма на српски јазик

Рефки Алија/ Жана Ацеска 1 јуни 2013

По повеќемесечни подготовки, на 3 јуни почнува емитувањето на Вториот канал на Радио-телевизија Косово (РТК). 85 проценти од програмата ќе се емитува на српски, а останатите 15 насто на јазиците на другите малцинства.

https://p.dw.com/p/18iDv
Фотографија: Refki Alija

Анамари Репиќ, заменик на генералниот директор на РТК, вели дека се во тек последните подготовки за старт на новата телевизија. На почетокот, тврди таа, приоритет ќе има информативната програма, актуелностите, дебатите, анализите и интервјуата. Потоа, програмата ќе се дополнува „во од“:

„Опремата е купена, примени се новинари, камермани, имаме и персонал кој ќе работи во редакцијата. Се‘ уште нема, на пример, стриктни поделби на културна или спортска редакција, но тоа полека ќе се развива и ќе се гради“.

На Косово, инаку, има стотина радија и телевизии, од кои 38 се српски. Постојат и 12 интернет-портали, како и осум весници на албански јазик. Голема е понудата на кабловски оператори. Речиси нема домаќинство, како во урбаните, така и во руралните средини, кое, по просечна цена од пет евра месечно, не е приклучено кон некоја од кабловските телевизии. Освен косовските, со по десетина телевизии на тие кабловски телевизии најмногу ги има оние од Србија и од Албанија, но и од Хрватска, БиХ, Црна Гора и Македонија, но најмногу по две.

Kosovo Fernsehen RTK 2
Фотографија: Refki Alija

„Разгласна станица на косовските власти“

Почетокот на работата на Вториот канал на РТК политички различно се толкува меѓу српските и албанските аналитичари. Така, Живојин Ракочевиќ, новинар и писател, вели дека тој канал, согласно планот на Марти Ахтисари, би требало да биде „вистински независен“, но како што моментно стојат работите, „тој канал е замислен како разгласна станица за власта на косовските Албанци, во случајов на владата во Приштина, за преку таа разгласна станица, кога ќе се разбуди, да им ги кажува на Србите своите вести“. „Тоа не е нормално“, вели Ракочевиќ.

Од друга страна, политикологот Фатмир Пиреци смета дека почетокот на работата на тој канал е „демонстрација на стекнатите цивилизациски и демократски вредности на државата Косово, но и решеност за сеопфатна интеграција на малцинските заедници во новото косовско општество“.

„Вториот канал ќе овозможи српската заедница да се информира за реалноста, а не за досегашната камуфлажа од страна на белградската политика, националистите и ултранационалистите од различни кругови, кои преку телевизиските канали влијаат на еден дел од Косово да му се оневозможи информирање за реалната политика, која се води од страна на државата Косово кон малцинствата“, вели Пиреци.

Kosovo Fernsehen RTK 2
Фотографија: Refki Alija

Голем интерес кај Србите за РТК 2

На Вториот канал на РТК, кој ќе го финансира Собранието на Косово, 15 проценти од медиумскиот простор ќе им биде доделен на програмите на босански, турски и ромски јазик. Тие заедници, инаку, на Првиот канал, како и Србите досега, секојдневно, освен на викенд, веќе имаат по 15-тина минути информативна програма и неделни магазини од по 1 час.

Даут Ќуљанѓи, долгогодишен уредник на ромската редакција на Првата програма, очекува неговата зедница да добие одредена минутажа и на „српскиот канал“, како што веќе го викаат РТК 2. Тоа, смета тој, подразбира и вработување на уште некој негов сонародник:

„Треба само да се имплементира она што ни е ветено, ништо повеќе“.

За работа на новата телевизија владее неочекуван интерес, а на конкурсот се пријавија неколку стотици луѓе, најмногу Срби. Јелена Ѓорѓевиќ, една од десетината новопримени новинари, вели дека едвај го чека 3 јуни. Нејзе не и‘ пречи тоа што седиштето на каналот е во центарот на Приштина, бидејќи, како што нагласува, „со години наназад Србите јужно од Ибар без никакви проблеми се движат низ Приштина“:

„Многу ме израдува веста за прием во РТК. Тоа многу ми значи и се надевам на успех во кариерата“.