Ромни победи на предизборите во Невада
5 февруари 2012Екс-гувернерот и мултимилионер Мит Ромни победи со јасна предност, јавија медиумите непосредно по гласањето во американската сојузна држава Невада. Тој, според првичните резултати (по пребројани гласови од 44 проценти од избирачките места), освоил 44 проценти од гласовите и има предност од околу 20 проценти пред противкандидатите, Њут Гингрич и Рон Пол. Ова е втора победа на Ромни по ред и трета победа од вкупно петте предизбори на републиканците одржани досега. Гингрич, и покрај поразот, изјави дека нема да се откаже од трката. Во својот говор во Лас Вегас, Ромни изјави дека актуелниот претседател Барак Обама би морало да им се „извини на Американците поради неисполнетите ветувања и погрешната политика“. Тој го обвини Обама дека ги предал американските вредности.
Според експертите, незвисно од победничката серија на Ромни, трката во редовите на републиканците за претседателски кандидат ни оддалеку не е завршена. Веќе во вторник (07.02) се одржуваат наредните предизбори на републиканците и тоа во сојузните држави Минесота, Колорадо и Мисури. Кандидатот на републиканците за претседателските избори во ноември ќе биде познат по партискиот конгрес во август.
Автор: Е. М. Фиданоска /дпа/ртр
Редактор: Ж. Ацеска