1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромни или Гингрич?

21 јануари 2012

Предизборите на американските републиканци добиваат на динамика и неизвесност. Денеска, во сојузната држава Јужна Каролина, се очекува трка рамо до рамо на Мит Ромни и Њут Гингрич.

https://p.dw.com/p/13nYj
Њут Гингрич и Мит РомниФотографија: dapd

Кој ќе биде противникот на Барак Обама на наредните избори во САД? Републиканците во сојузната држава Јужна Каролина денеска гласаат за кандидат на партијата за претседателските избори што треба да се одржат на почетокот на ноември. Според анкетите, досегашниот фаворит Мит Ромни може да се надева на победа, но на досега фаворизираниот поранешен гувернер во изминатите денови не му успеа да ја потврди предноста што ја имаше досега.

Причина за тоа се пред се’ критичките прашања околу неговото лично богаство и даноците што ги плаќа. Одговорите на Ромни, екс-претприемач и мултимилионер, не ги задоволија избирачите. Поради тоа, во анкетите својата позиција ја подобри поранешниот претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, кој беше убедлив и во две телевизиски дебати.

US-Vorwahlen der Republikaner in New Hampshire
Трката ќе биде решена веќе денеска или...?Фотографија: dapd

За сите кандидати од редовите на републиканците, предизборите во Јужна Каролина значат многу. Доколку победи Ромни, тогаш неговата вкупна победа е речиси сигурна и тој би бил противник на Барак Обама на претседателските избори во ноември. Но, доколку Ромни се „сопне“, тогаш борбата во редовите на републиканците може да биде долга и на нивниот кандидат за претседателските избори да се чека долго. Покрај Ромни и Гингрич, канидати се и поранешниот сенатор Рик Санторум и пратеникот Рон Пол. Во четвртокот (19.01) од трка се повлече тексашкиот гувернер Рик Пери. Републиканците официјално го номинираат својот претседателски кандидат на крајот на август на национален партиски конгрес.

Автор: Елизабета М. Фиданоска/ дпа/дапд/ртр

Редактор: Александар Методијев