1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите - малцинство со уставен ранг

Маја Бахтијаревиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска2 декември 2012

Одлука на покраински парламент во Германија која дава сигнал - Шлезвиг Холштајн е прва германска покраина која ја вгради заштитата на Синтите и Ромите во покраинскиот устав.

https://p.dw.com/p/16t4l
Фотографија: Maja Bahtijarevic

Населбата на Синтите и Ромите во градот Кил, „Маро Тем“, во превод значи „Наше место“. Крупен маж со пријателско, избрчкано лице, се движи по улицата. Тоа е Матеус Вајс, покраински претставник на Синтите и Ромите во Шлезвиг Холштајн, инаку и самиот припадник на Синтите. „Овде ни е добро“, вели тој. Но не било секогаш така. „Сум минал низ времиња кога мене и на моето семејство не ни‘ дозволуваа да се задржиме подолго од два-три дена. Моравме да се селиме.“ И тоа и покрај фактот што семејството живее во Шлезвиг Холштајн подолго од 300 години. Вајс е роден и израснат во Кил, но никогаш не се чувствувал како вистински да припаѓа тука. Тоа сега може да се промени - шесте партии во покраинскиот парламент едногласно донесоа одлука за влез на Синтите и Ромите како малцинство во покраинскиот устав.

Беа потребни 22 години и шест обиди

Матеус Вајс со години се бори за влез на неговата етничка група во Уставот. Последниот неуспешен обид беше направен минатата година, кога барањето не помина поради црно-жолтата коалиција (конзервативци и либерали н.з.) во Кил. Образложението на Христијанските демократи гласеше: Синтите и Ромите не се типично покраинско малцинство. „Кога за да се влезе во Уставот се потребни шест обиди и 22 години, тогаш почнувате да се сомневате не само во политичарите, туку и во човештвото“, вели Вајс. Одлуката донесена на 14 ноември за влез на Синтите и Ромите во Уставот предизвикува сјај во неговите очи: „Тоа беше секогаш наша цел.“

Roma und Sinti in Schleswig-Holstein
Населбата „Маро Тем“Фотографија: Maja Bahtijarevic

И Христијанските демократи веќе не се противеа. Конзервативната партија, која по последните покраински избори е на опозиционите клупи, со текот на времето ги прифати Синтите и Ромите како покраинско типично малцинство и ја осозна потребата од менување на членот во Уставот посветен на малцинствата. Членот 5 е проширен, и покрај данското и фризиското малцинство, сега и Синтите и Ромите во Шлезвиг Холштајн имаат право на заштита и поттикнување. Малцинските права поврзани со тоа главно значат зачувување на културата и јазикот на една етничка група.

Сигнал

Матеус Вајс вели дека Синтите и Ромите треба прво да се организираат и да видат што новиот заклучок значи за нив. Сопствени училишта не бараат. „Не сакаме да си ги изолираме децата“, нагласува тој. Наредната година треба да бидат изработени првите програми.

Roma und Sinti in Schleswig-Holstein
Матеус ВајсФотографија: Maja Bahtijarevic

Романи Розе, претседател на Централниот совет на германските Синти и Роми, оценува дека заклучокот на парламентот во Шлезвиг Холштајн е сигнал. Тој е важен знак за иднината на малцинството. „На малцинството со тоа му се гарантира заштита и унапредување преку уставот. Мислам дека е тоа сигнал не само за нашата земја, туку и за ЕУ, каде ситуацијата на малцинството во голем број земји е загрижувачка.“

Вајс посакува одлуката на парламентот да значи и крај на изолацијата. „Додека се почувствуваат промените што ќе ги донесе членот 5 ќе мине време. Но, нашите деца и внуци ќе ги надградуваат своите права и положба врз основа на Уставот“, вели тој и оди до детското игралиште во населбата. „Децата велат дека ова е нивна населба и дека овде се чувствуваат добро.“