1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романците сакаат да си го вратат кралот

2 февруари 2012

На Романците не им е лесно. Покрај острата зима и тврдиот курс на штедење кој владата мора да го спроведува, земјата ја тресат и корупциски афери. Деновиве беше донесена и една пресуда од „премиерен“ карактер.

https://p.dw.com/p/13uMl
Фотографија: REUTERS

За првпат по падот на комунистичкиот режим 1989 година, во Романија еден поранешен премиер е осуден на затворска казна. Врховниот суд го осуди експремиерот Адриан Настасе на две години затвор поради нелегално финансирање на својата партија. Настасе најави жалба на пресудата за која тврди дека е резултат на „политички притисок врз судиите“.

Сепак, пресудата е апсолутен првенец во земјата која, и покрај влезот во ЕУ пред пет години, поради големите недостатоци во правосудството и борбата против корупцијата, е под постојана контрола на Брисел. Поради овие недостатоци беше одложен и влезот на земјата во Шенген зоната.

Граѓаните на улица

Да беше политичката и економската состојба во Романија „нормална“, оваа пресуда ќе дигнеше далеку поголема „прашина“ во Букурешт. Но, повеќегодишните политички пресметки и долгогодишната економска криза го свртеа вниманието на граѓаните во друг правец. Се’ повеќе луѓе бараат оставки од претседателот Трајан Басеску и конзервативната влада. Извонредно цврстиот курс на штедење, кој наидува на пофалби од Брисел и ММФ, во земјата извади илјадници луѓе на улица. Премиерот Емил Бок, под притисок на јавноста, го смени министерот за надворешни работи кој им се подсмеваше на демонстрантите, но тоа не го смири нивниот гнев.

Rumänien Ehemaliger Ministerpräsident Adrian Nastase
Експремиерот Адриан НастасеФотографија: dapd

Социјално-либералната опозиција ја почувствува својата шанса и побара смена на претседателот и вонредни избори. Како прва мерка на тој пат започнаа со бојкот на парламентот, надевајќи се дека тоа ќе доведе до негово распуштање. Двајцата лидери на опозицијата се на второ и трето место на анкетите на популарноста, далеку пред актуелниот владејачки двоец Басеску-Бок.

Кралот- последна утеха

Но, она што изненадува е што на сите анкети, како најпопуларен, убедливо води поранешниот крал, 90-годишниот Михаил. Тоа, според многумина, е јасен сигнал против политичкиот естаблишмент во земјата.

Rumänien Ministerpräsident Emil Boc in Bukarest
Романскиот премиер Емил БокФотографија: Reuters

Бившиот монарх за многу Романци е последната интеграциска фигура која може да ја спаси земјата. Посткомунистичката каста не само што важи за корумпирана, туку и за неспособна да ја реши кризата која владее во политиката,економијата и општеството.

Дури во земјата е отворена и дебата за тоа дали уставна монархија, од типот на Велика Британија или скандинавските, би била подобра варијанта од актуелниот модел на претседателски систем.

Романците се заморени од политички борби, но најмногу од „затегнатиот ремен“ и политиката на штедење на актуелната влада.

Автор: Роберт Шварц/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска