Романија нема да ја блокира Македонија
28 ноември 2012Европратеникот Кристиан Дан Преда не сакаше да ја коментира позицијата на романскиот шеф на дипломатијата на тројната средба во Софија со неговите колеги од Бугарија и Грција.
„Јас не сум портпарол на министерот за надворешни работи, јас не се ни согласувам со некои од неговите гестови, бидејќи јас сум од опозцијата. Јас ја добив истата информација, која на крајот беше демантирана од романскиот министер за надворешни работи. Ние гледаме дека Грција и Бугарија вршат притисок за да го блокираат почетокот на преговорите поаѓајќи од националистички конфронтации, кои како што знаете не ги сакаме во Европа.“
Романија ќе и даде поддршка на Македонија
За тоа каква ќе биде романската позиција за евроинтеграцијата на Македонија тој нагласува:
„Што се однесува до романската позиција можете да имате доверба, Романија нема да ја блокира Македонија, Македонците се наши пријатели и Романија беше меѓу првите кои ја признаа македонската држава и мислам дека ќе ја поддржиме во Советот и другите европски институции.
Преда не се осмелува да дава прогнози дали во декември Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите.
„Не можам да давам прогнози, но тоа што го слушнав во парламентот ме загрижува малку. Во последно време гледам од бугарската страна многу „анимирани“ реакции да не речам повеќе од тоа. Мислам дека треба да се надмине националистичката дискусија од сите страни како и блокадите бидејќи во интерес е на Европа да ја има утре Македонија како членка.“
Главната европска вредност е умереноста
На прашањето дали е разбирливо да се блокира една земја поради прашања поврзани со историјата и малцинствата, Преда смета дека тоа е неразбирливо.
„Тоа не е сериозно и тоа е неразбирливо за народот. Од друга страна гледам дека сите страни треба да направат напори за да се надминат националистичките дискусии кои се повикуваат на агресивни историски референци. Историјата е многу важна, идентитетите исто така се важни, но потребно е да се има умереност, бидејќу главната европска вредност е умереноста“, нагласува романскиот европратеник.
Бугарските европратеници повторно со критики кон Македонија
Но европратениците од Бугарија на размената на мислења во Комисијата за надворешни работи на ЕП со македонскиот министер за надворешни работи, не покажаа умереност. Евгениј Кирилов, Андреј Ковачев и Надежда Нејнски уште еднаш ја обвинија Македонија дека не се залага за добрососедски односи и дека ги дискриминира и врши притисок врз лицата кои се изјаснуваат како Бугари во Македонија.
Додека Евгениј Кирилов се прашуваше зошто бил нападнат во Македонија поради тоа што организирал конференција за поетот Никола Вапцаров и истиот иако македонски, го претставил како бугарски поет. Ковачев афирмираше пред македонскиот министер и европратениците дека „до 1944 терминот Македонци и Бугари бил скоро синоним, но Комунистичката интернационала се обиде да ги раздели и во тоа успеа.“ За бугарскиот европратеник нема разлика меѓу идеологијата на Тито и актуелната идеологија во Скопје“, обвинувајќи ја Македонија дека ја користи историјата за да формира национален идентитет, со што ја провоцира Бугарија.