1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија забрзано го губи населението

БГ/афп4 јули 2013

Бројот на населението во Романија е драматично намален од падот на комунизмот пред 23 години, во најголем дел поради засилената емиграција, покажуваат податоците од пописот.

https://p.dw.com/p/192HE
Фотографија: DW/C. Ştefănescu

Како и во многу други источно-европски земји бројот на населението во Романија бележи големо намалување по падот на комунизмот. Во 2011. година во Романија живееле 20,1 милиони луѓе, наспроти 23,2 милиони во 1990 година веднаш по уривањето од власт на диктаторот Николае Чаушески. Тоа е намалување за 13,3 проценти.

„Емиграцијата го поттикна падот“, изјави на прес-конференција претседателот на националното биро за статистика, Тудорел Андреи.

Стотици илјади граѓани ја напуштија втората најсиромашна земја-членка на ЕУ барајќи работа во странство, најчесто во Италија и Шпанија.

Во комбинација со намалениот наталитет, емиграцијата доведе и до стареење на општеството, што пак има негативно влијание на економијата на земјата.

Просечната старост на жителите на Романија во 2011. година била 40,6 години, за разлика од 35,2 години колку што изнесувала во 1992 година.

Андреи како позитивно го издвои порастот на нивото на образование меѓу граѓаните. Само 5,4 проценти од граѓаните се стекнувале со универзитетска диплома во периодот по падот на комунизмот, додека денес тој процент изнесува 14,4. Неписменоста се намалила од 3,1 отсто од населението во 1992 на 1,4 проценти во 2011.

Резултатите од пописот покажуваат и дека се' повеќе граѓани се изјаснуваат како етнички Роми. Нивниот број достигнал 621 илјади во 2011, наспроти 535 илјади во 2002. Невладините организации сметаат дека во земјата живеат околу два милиони Роми, но поради страв од дискриминација многумина го кријат своето потекло.