1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роботски костум за хендикепираните

Клаус Дојзе/Б. Георгиевски3 декември 2013

Германско-јапонска компанија на пазарот понуди роботски систем кој им овозможува на инвалидизираните лица да се движат. Костумот отвора нови перспективи за хендикепираните, чиј Меѓународен ден се одбележува денеска

https://p.dw.com/p/1ASLQ
Фотографија: Fotolia/D. Ott

Во Германија, медицинската техника носи повеќе милијарди евра годишни приходи. Една од фирмите која се занимава со модерните апарати кои им го олеснуваат животот на пациентите е „Сајбердајн Кер Роботикс“ (Cyberdyne Care Robotics GmbH) со седиште во Бохум, а во која се вработени лекари, терапевти и инжењери. Оваа германско-јапонска фирма работи на робот кој треба да им помага на параплегичарите самостојно да се движат. По експериментите на Универзитетската клиника во Бергмансхајл, роботскиот костум треба да биде пуштен на европскиот пазар.

Футуристичкото ортопедско погамало се нарекува „Хибриден помошник за екстремитети“- (Hybrid Assistive Limb), а првичната верзија ја развил јапонскиот научник Јошијуки Санкај. Во неговата татковина таквите роботи веќе се користат во 160 институции, вклучително и во клиники, центри за рехабилитација и домови за стари лица. Но, за направата да се употребува и на пациенти во Европа, потребни беа некои корекции. За нив се погрижи професорот Томас Шилдауер кој повеќе месеци работеше на костумот во текот на тестовите.

Нервни сензори

Филип фон Глицински е еден од првите пациенти кој го испроба костумот во Центарот за неуроботички тренинг во Бергманхајл. Овој 35 годишен архитект е во инвалидска количка по преживеаната сообраќајна несреќа. Сега, со помош на модерната технологија, тој повторно учи да оди. Чекор по чекор. „Пациентот не е пасивен, туку испраќа сигнали и самиот се придвижува. Повторно го чувствува она што претходно не можел да го почуствува“, вели фон Глицински.

Имено, стабилизаторите на куковите и нозете им помагаат на пациентите. Но, во апаратот се наоѓаат и посебни сензори кои ги препознаваат импулсите на нервниот систем во кожата. На тој начин, роботскиот костум со помош на мали мотори придвижува делови од телото.

Philipp von Glyczinski querschnittsgelähmter Patient EINSCHRÄNKUNG
Филип фон ГлицинскиФотографија: Hoelken/GBRCI

„Мозокот испраќа сигнал кој вообичаено се пренесува до мускулите преку нервите“, вели Томас Шилдауер. „Кај пациентите кои не се целосно парализирани, во мускулите се уште постојат мали импулси. Нив можеме да ги измериме и да ги снимаме преку кожата. Роботот потоа го зајакнува сигналот и ги придвижува моторите на овој егзоскелет“.

Регенерација на мускулите

Роботскиот костум не им е наменет само на параплегичарите, туку и на пациентите со заболени мускули, како што е Паркинсоновата болест или на оние кои претрпеле шлог. Нивните мускули повеќе не се во можност да ги извршат командите кои им ги дава мозокот, но задачите може да ги исполни роботот. Постојат сигнали, вели професорот Шилдауер, дека тренингот со помош на роботот ги обновува и надградува веќе постојните функции на мускулите, како и на структурите на мозокот, кои долго не биле користени. Движењата се вежбаат. Се чини дека пациентите успеваат повторно да ги воспостават старите циклуси на движења и дури и повторно да проодат.

Докторите бележат значајни резултати. На пример, пациенти кои порано биле во инвалидска количка, по пет месеци терапија, успеале да се движат само со помош на помагала. Сепак, најмодерната технологија има и своја цена. Тренингот во роботскиот костум во траење од само два часа чини 500 евра.