Риш и донесе ново злато на Германија
19 февруари 2010Марија Риш стана осмата германска олимписка шампионка во алпски дисциплини, по победата во суперкомбинација. Среќна околност за Риш беше што фаворитката Линдзи Вон, која беше во водство по трката во спуст, не успеа да ја заврши слаломската трка. „Тоа беше неверојатно. Бев далеку посмирена и имав поголема самодоверба за разлика од вчера кога бев многу нервозна. Знаев дека треба да нападнам и тоа и го сторив“, изјави Риш по триумфот кој и го донесе и првото злато на олимпијадите. Зад неа се пласираше американката Џулија Манкузо, а до бронзениот медал стигна Ања Першон од Шведска.
Интересно беше и во официјалната програма во уметничко лизгање, каде Американецот Еван Лисачек го изненади фаворитот од Русија, Евгениј Плушенко, и го освои златниот медал. Русинот мораше да се задоволи со среброто, а бронзата ја освои Даисуке Такахаши од Јапонија.
На бијатлонските патеки на 15 и 20 километри во машка и женска конкуренција, Норвежаните ја потврдија својата доминација. Кај жените триумфираше Тора Бергер, пред Крусталева од Казахстан и Домрачева од Белорусија. Кај мажите на 20 километарската патека, Норвежанецот Емил Сведсен стигна до златото пред Новиков од Белорусија, и неговиот сонародник Бјорндален.
САД се во убедливо водство според вкупниот број на освоени медали на Олимпијадата, со 18, пред Германија со 11 и Норвешка со 8.
Автор: БГ/ЖА/дв
Редактор: Александра Трајковска