Ристовски: Се’ помалку првачиња
1 септември 2013Министерството за образование и наука ги завршило сите подготовки за стартот на новата учебна година, која започнува утре, информира министерот за образование Спиро Ристовски. Според министерот, „над 90 проценти од сите подготвителни активности - санации и реновирања, се готови“. „Обезбедени се комплетно нови учебници од прво до трето одделение“. Министерот го загрижува се’ помалиот број на запишани првачиња во Македонија.
„Јас очекувам да порасне таа бројка. Ме загрижува фактот што секоја година имаме се’ помалку и помалку првачиња, што е резултат на намалениот наталитет и се’ помалиот природен прираст на нови генерации во Македонија“, изјави Ристовски.
Министерот не ја исклучи можноста за појавување непланирани работи при стартот на училишната година. Учениците и оваа година, како и во изминатите пет години, треба да добијат бесплатни учебници. Тоа го потврди премиерот Никола Груевски, кој информираше дека наскоро ќе биде потпишан договор со универзитетот Кембриџ за преведени и адаптирани учебници за основно образование по природни науки. Според Груевски, се работи за петгодишен договор со Кембриџ, со кој ќе започне етапна замена на учебниците и на наставните програми и нивно усогласување со британските учебници и програми.