Рилкоски: Предвремените парламентарни избори се‘ поизвесни
31 јануари 2014„Доколку биде така, а според моите сознанија се‘ поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори, ние и за тој момент се подготвувавме. Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските, ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите, меѓутоа и тој дел од работењето мислам дека веќе го имаме избалансирано и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите наши обврски“, изјави Рилкоски во интервју за МИА.
Доколку настаните добијат ваков тек, најголем проблем ќе биде одржувањето на молкот, смета Рилкоски:
„Постои таква можност, но мислам дека ќе го пребродиме и тој дел и ќе најдеме решение и за тоа. Тоа всушност е навистина најгорливото прашање, за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата“, рече Рилкоски.
Тој истакнува дека во тек е прочистување на избирачкиот список, но се‘ уште не може да каже дека е среден, имајќи предвид дека ДИК се‘ уште не ја презела надлежноста за него.
„На една од последните седници на ДИК донесовме заклучок и побаравме од Владата да ни овозможи целокупна изработка на избирачкиот список, дека сме спремни да ја преземеме и со вработените и со техничко-технолошкиот дел, односно софтверот, програмата ит.н. Прашање е сега како и кога ќе одговори Владата“, се вели во изјавата на претседателот на ДИК, Никола Рилкоски.