1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рикер: Спорот за името е фрустрирачки

ЖА/ЕМФ/миа28 март 2012

Американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер смета дека евроатлантската интеграција на Македонија требало одамна да заврши.

https://p.dw.com/p/14TBh
Антонио Милошоски и Филип Рикер (архива)Фотографија: DW / Dragan Todorovski

„Евроатлантската интеграција на Македонија требаше одамна да заврши. Во Букурешт тоа не се случи, заради спорот со Грција околу името. Веруваме дека постојат решенија, релативно едноставни решенија што ќе ја отстранат загриженоста од обете страни“, истакна американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер на Економскиот форум на земјите од Југоисточна Европа што се одржува во Вашингтон, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Рикер беше главен говорник на вчерашната сесија на форумот што го организира Центарот за трансатлански односи при универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Подвлекувајќи дека не постои оружен конфликт меѓу Грција и Македонија, туку дека се работи за спор што треба да се реши преку лидерство на обете страни, Рикер коментираше:

„Имаме понудено идеи, ОН водат процес и би сакале да дојде до решение. Доколку навистина сакате да се вратите во историјата, македонското прашање ги мачеше не само луѓето во регионот, туку и пошироко во Европа. Веруваме дека имаме одговор на тоа прашање, со актуелната структура и постојните граници – тоа е одговорот“.

Според него, уште подобар одговор е сите земји од регионот да бидат целосно интегрирани во евроатлантските структури, без притоа да се оштети нечиј идентитет, историја или кревки емоции.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Спорот за името е фрустрирачки, оценува РикерФотографија: AP/DW Fotomontage

Рикер спорот го нарече мошне фрустрирачки за многумина.

„Сериозно ќе го земеме предвид и нема едноставно да гледаме други да наметнуваат решенија, бидејќи тоа нема да функционира“, истакна заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.

Тој рече дека со демократизацијата на земјите од Југоисточна Европа, нивните жители имаат глас и удел во креирањето на подобра иднина и интеграција во Европа, за таа да биде целосна, слободна и во мир, што е и основата на американската надворешна политика кон овој дел од светот.

„За целиот регион, токму стабилноста и напредокот се поврзуваат со интеграцијата или членството во ЕУ и НАТО. Политиката на САД била и ќе биде активна поддршка на овие земји за реализирање на нивните евроатлантски аспираци“, оцени Рикер.