1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реџепи: Не сакам Косово да го оценувате како извозник на оружје и насилство

14 мај 2010

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со косовскиот колега Бајрам Реџепи разменила информации за безбедноста во регионот. Јанкулоска информирала и за последните акции на македонската полиција.

https://p.dw.com/p/NNXs
Бајрам Реџепи и Гордана ЈанкулоскаФотографија: MIA

Единствено заедно низ соработка и добра координација е можна ефикасна борба против пограничниот криминал. Неопходно е навремено и координирано дејствување, детектирање и попречување на сите обиди на шверц со оружје и други недoзволени дејства и вршење кривични дела. За тоа постои волја и во Македонија и во Косово, која не е само декларативна и треба да се реализира на терен.

Ова го заклучија македонската министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот косовски колега Бајрам Реџепи, на денешната (14.05.2010) средба во Скопје.

„Со Реџепи ги разменивме сите релевантни информации кои значат зголемување на степенот на безбедност во регионот, а воедно и чекор поблиску кон разоткривање на сите кривични дела кои се случуваат во пограничниот регион и во кои се инволвирани државјани од двете страни“, изјави Јанкулоска по средбата.

Таа посочи дека го информирала косовскиот колега за се‘ што е направено во последните акции на полцијата на територијата на Македонија, за мерките кои се преземени и за резултатите кои се остварени.

„За нашите косовски колеги обезбедивме список на лица сторители на тешки кривични дела за кои имаме основано сомнение дека ја преминале државната граница кон Косово и дека се наоѓаат на нивна територија, заедно со податоци за лицата со кои таму контактираат и можните локации на кои се наоѓаат за да се обидеме низ зедничка координирана акција да ги лишиме од слобода“, рече Јанкулоска, нагласувајќи дека најголемиот дел од средбата бил посветен на координација по однос на идните активности за лишување од слобода на лицата кои се бараат заради различни судски спорови, или по меѓународни потерници.

Соработката е одлична

Косовскиот министер за внатрешни работи потврди дека постои одлична соработка меѓу двете министерства и земји, која, како што кажа, е во интерес на безбедноста на сите граѓани не само на двете земји, туку и на регионот на Западен Балкан.

Mazedonische Polizei hat Waffen an der mazedonisch-kosovarischen Grenze beschlagnahmt
Оружјето запленето минатата неделаФотографија: MIA

„Се залагаме за слободно движење на граѓаните, за соработка во сите области, и со заеднички акции ќе спречиме различни активности од организираниот криминал, илегална трговија со оружје, дрога и луѓе. За да бидеме поуспешни во тоа, треба да имаме заедничка размена на информации, бидејќи нашите граници не се и не треба да бидат херметички посебно во планинските делови каде движењето треба да биде поконтролирано“, рече Реџепи, додавајќи дека со подобрата информираност ќе се зголеми безбедноста на двете страни од границата.

Тој нагласи дека треба да има што повеќе легални гранични премини меѓу двете држави за слободно движење на граѓаните, но тие да бидат бариери за криминалните групи.

„Мислам дека инцидентите во една од државите се рефлектираат во другата. Не треба да се мисли дека на Косово се добредојдени криминалците, туку спротивно од тоа. Криминалните групи имаат врски не само во Косово, туку и во Србија и Црна Гора и се доста софистицирани“, рече Реџепи.

На наредната страница: Мрежата за трговија со оружје е развиена

Мрежата за трговија со оружје е развиена

Прашан дали располага со информации дека елиминираната група кај Радуша шверцувала оружје од Косово за Македонија, Реџепи рече дека е можно оружјето да потекнува од Србија или Црна Гора или, пак, од Македонија.

„Мрежата за трговија со оружје е развиена и можно е оружјето да доаѓало до Србија или Црна Гора. Не сакам Косово да го оценувате како извозник на оружје и насилство“, истакна косовскиот министер.

Јанкулоска: Се работи за криминалци

Јанкулоска, одговарајќи на прашање дали станува збор за класичен шверц на оружје или обид за дестабилизација на регионот, рече дека анализирајќи го составот на групата што беше елиминирана кај Радуша и нивното досие евидентно е дека се работи за луѓе со криминални мотиви.

Karte Serbien
Границата не може да биде херметички затворена, вели косовскиот министер РеџепиФотографија: picture-alliance/ dpa

„Инцидентите од ваков тип, секако дека креираат тензија и вознемиреност кај граѓаните, поради што не треба да се потценуваат, но тие не претставуваат опасност за дестабилизација од поголем степен, ни на Република Македонија, ниту пак на регионот пошироко. Важно е како безбедносни служби да бидеме постојано координирани и да дејствуваме заеднички затоа што тоа е единствениот начин да се справиме со проблемите кои претставуваат закана не само за една од државите, туку за целиот регион“, рече Јанкулоска.

Македонската министерка за внатрешни работи истакна дека од косовскиот колега добиле информација за идентитетот на лицата и мерките и дејствата што се преземани против Качаничката група, која беше замешана во минатонеделниот инцидент кај Блаце, кога беше откриен склад со поголемо количество оружје, и оти против нив водат правна постапка.

На средбата биле разменети податоци и за можноста одредени лица од Косово да им прижале логистичка и друга поддршка на екстремистичката група која беше елиминирана кај Радуша или на вмешаните во претходната акција кај Блаце и синоќешната кај Ново Село. Македонската страна понудила и помош во делот за евроатлантските интеграции и побрза визна либерализација за косовските граѓани.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Александра Трајковска