1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реџепи: какви Роми сака да има Македонија?

Елизабета Милошевска Фиданоска26 септември 2013

Каква е ситуацијата со образованието на Ромите во Југоисточна Европа и како таа да се подобри? На ова прашање во ДВ дискутираа политичари и експерти, меѓу кои и Надир Реџепи. Тој зборува за состојбата во Македонија.

https://p.dw.com/p/19oUT
Фотографија: DW

Господине Реџепи, во Македонија се зголемува процентуалната застапенот на Ромите во образованието, меѓутоа се‘ уште нема резултати кои ќе дадат основа да се констатира дека состојбата е добра. Дали проблемот е во системот, во законите, во стратегиите или во начинот на којшто тие се спроведуваат?

Реџепи: Проблемот има повеќе димензии. Ако се направи споредба со раните 1990-ти години, имавме период на стагнација, а потоа на значителен пад во образовниот процес кај Ромите и сега полека се враќаме. Образованието е долгорочен процес и не може едноставно да се измери радикална промена од една година во друга. Една од причините е што потпаднавме под влијание на состојбите во државите во регионот, дел од проблемот е и самата транзиција и константните, перманентни реформи во образованиот систем. Маргиналните групи не се снаоѓаат добро со тие промени. Од друга страна, ние милуваме да кажеме дека предрасудите и стереотипите, не само кај мнозинството, туку и кај Ромите и кај образовниот кадар, во одреден дел влијаат врз самиот процес, така што кога сакаме да го подобриме пристапот, мора да размислуваме за сите овие димензии и да бидеме компетентни да ги решаваме.

Дали мерките што се преземаат се доволно координирани? Дали можеби корелацијата меѓу нив не е добра, па и резултатите не доаѓаат толку бргу колку што се посакува?

Координираноста е исто така релативна работа, затоа што проблемот на координирање не е нешто ново. Самиот систем на институции во Македонија знаеме дека тешко се координира со цивилното општество, со бизнис секторот... Од друга страна, самиот образовен систем недоволно ги следи потребите на пазарот на труд и произведува огромен број кадри за кои нема потреба на самиот пазар на труд. Институциите се обидуваат да комуницираат, особено со почетокот на Декадата на Ромите во 2005 година. Јас бев дел од таа работна група во 2005 година. Заедно со сите министерства, невладини организации и експерти седнавме и ги изградивме тие акциони планови, меѓутоа имплементацијата бара не само финансии, туку и структури кои посветено, кои 24 часа, 7 дена во неделата ќе работат на тоа. Ние такви структури засега не успеавме да воспоставиме во Македонија.

Ваша специјалност е финансирањето и менаџирањето со проекти. На конференцијата посветена на образованието на Ромите се слушна дека сите проекти се како капка на жежок камен - доаѓаат, траат извесен период и престануваат, нема одржливост на проектите. Ниту еден од проектите не трае долг период, што веројатно е неопходно за негов успех. Какво е Вашето мислење?

Проектите почнуваат со идеја дека може да се решат проблемите, за кои власта или системот на институции нема доволно внимание, знаење или интерес да ги реши и со самата имплементација на проектите сака да ги увери одговорните дека проблемот на образование на Ромите може да се реши. Кај нас секогаш има недостиг на финансии, а потоа и на доволно познавање на самата тематика. Во тој однос, ние во Македонија секогаш се фалиме дека ромската популација е вработена во државната администрација, имаме високо позиционирани ромски политичари, секогаш се во коалиција со власта, меѓутоа делот на имплементација секогаш заостанува заради други фактори кои влијаат во секојдневието, а тоа се пред се‘ изолираноста, или маргиналноста на овој проблем во нашето општество, каде што секој со одредени предрасуди и однапред пропишани решенија гледа на ромското прашање.

Вашата фондација додека трае Декадата на Ромите има дадено нешто повеќе од 22 милиони евра за проекти во регионот, од кои 4 милиони во Македонија. Дали се тие добро потрошени?

Мислам дека се. Два проекти, централи, со поголеми суми, се дистрибуирани преку министерствата. Во последните неколку години Министерството за образование почна дел од стипендиите за средно училиште да го поддржува од државниот буџет. На почетокот стипендиите беа целосно покриени од страна на РЕФ (Roma Education Fund), а со текот на имплементацијата, во последните неколку години, самото Министерство почна да дава финансиски придонес од државниот буџет, некаде околу 100.000 евра годишно. Вториот проект оди веќе седма година. Станува збор за предучилишно образование на Ромите, преку Министерството за труд и социјална политика. Тој проект се спроведува во над 20 општини во Македонија. Во него се вклучени и негувателки Ромки. Невладините организации посредуваат кај ромската заедница, идентификуваат деца и потоа ја следат редовноста на посетеност, додека градинките ги даваат своите услуги, покриени финансиски од страна на РЕФ и Министерството за труд и социјална политика.“

Кој од проектите би го издвоиле како пример, како проект којшто навистина има донесено добри резултати?

Па најмногу резултати, и тоа видливи резултати, дава програмата за стипендирање во високото образование. Ние во Македонија можеме да се пофалиме, и тоа секогаш го кажуваме надвор од Македонија, дека нашите стипендисти завршуваат факултет, ги добиваат своите дипломи и се вработуваат во државните институции, пред се‘ поради начелата на Рамковниот договор. Меѓутоа, добар дел од нашите стипендисти се вработуваат и во приватниот сектор и во меѓународните организации. Бројот на дипломирани Роми перманентно се зголемува, така што ако во 1993/1994 година имавме само пет Роми студенти, денес имаме околу 300 студенти на национално ниво.

Колку стипендии се доделуваат годишно?

„РЕФ во Македонија дава максимум од 110 до 120 стипендии. РЕФ има одредена формула, врз основа на населението, на ромската популација во одредена држава, комбинирана со брутодомашниот производ, така што се прават одредени квоти за секоја земја. Предвид се земаат и барањата од одредена држава. Во Македонија одобруваме редовно над 100 стипендии.

Невладините организации кои работат во овој сектор се жалат постојано на компликуваност на постапките. Во некои земји, освен тоа, има подобра соработка со локалните власти, во некои не. Каде Вие би ја сместиле Македонија во поглед на соработката и во поглед на умешноста да се стигне до пари?

Соработката во Македонија е наметната не од сега, туку откако започна самата транзиција во раните 1990-ти и на почеток таа соработка беше вештачки наметната. Со текот на годините таа веќе станува спонтана и природна, со тоа што и цивилниот сектор и локалните институции, па дури и централните, го наоѓаат заедничкиот интерес и се обидуваат заедно да ги адресираат потребите на ромската заедница. Процедурите во нашата фондација не се толку компликувани, туку едноставно конкуренцијата станува се‘ поголема. Од друга страна, поради финансиската криза и нашите финансиски можности се намалуваат. Така се добива впечаток дека нема доволно средства или соработка. Европските фондови се друга тема. Таму има стриктна регулатива, која важи за сите - како за проектите со милионски цифри, така и за проектите од неколку стотици илјади евра. Ромската проблематика, за жал, не се познава доволно од страна на оние што прават евалуација во Комисијата. Ние се обоидуваме да дадеме техничка поддршка на општините и на невладиниот и на приватниот сектор да аплицираат за проекти од ЕУ, меѓутоа во оваа фаза на пристапување тие фондови се значително помали во однос на земјите кои се веќе членки на ЕУ. Структурните фондови се можеби повеќе од 10 пати поголеми од претпристапните фондови. Ние од секторот редовно ја потсетуваме власта и сите во јавната администрација дека државната администрација треба што поскоро да се оспособи да ги раководи тие фондови, за да не се соочиме со проблемите кои денес ги имаат Бугарија и Романија, имено многу мала апсорпција на европските фондови.

Интеграцијата е секогаш двонасочна улица. Дали, според Вашето лично мислење, Ромите прават доволно за своја подобра интеграција?

Самите Роми, ако се земат предвид материјалните ресурси, не вложуваат многу, затоа што и немаат којзнае што да вложат во тој смисол. Ако мислиме дека имаме некоја елита кај Ромите, политичка, интелектуална, или бизнис елита, таа е многу мала и речиси е издвоена од мнозинството на ромската популација, така што заедничките интереси внатре во ромската заедница не се среќаваат. Познато е дека ромската заедница е доста фрагментирана. На оваа генерација којашто доаѓа, овие 300 студенти, кои верувам ќе бидат и повеќе, се гледа како на нова иднина, се смета дека тие ќе преземат поголем товар и одговорност врз себе за да се носат со проблемите на ромската заедница. Меѓутоа, тоа не зависи само од Ромите, туку нормално зависи и од политичките и економските збиднувања во државата, каде што поради многу поважни приоритети ромското прашање е се‘ уште запоставено, на сите нивоа.

Ги споменавте стипендиите како добар начин за постигнување резултати. Со оглед на тоа што средствата се секогаш ограничени, дали е подобро тие да се насочат кон помалите деца, кон предучилишното образование или треба да бидат распоредни во сите степени на образование, или можеби дури за дообразување на популацијата која е веќе возрасна, а чиј голем дел се неписмени лица?

Па и тука има некои трендови кај донаторите и кај развојните агенции, пред се‘ мислам на Светска банка и на Европската комисија, како и на УНИЦЕФ. Ако ги видите циклусите на поддршка за ромското образование низ сето ова време, повеќе од деценија, ќе видите дека почнаа со адресирање на проблемите во основното образование, па се обидоа со средното образование, а сега се префрлија на раниот детски развој. Меѓутоа, секое ниво на образование бара перманентна поддршка. Ако таа не е системски решена, значи во согласност со законската регулатива и со соодветните капацитети во образование и со слободен пристап до образование во самите училишта, таа ќе дава мали резултати, можеби позитивни, меѓутоа тоа е со краток здив.

Вие сте човек којшто работи во центар којшто дејствува регионално. Кога би направиле споредба во однос на тоа - кој колку и како спроведува, каде би ја сместиле Македонија во регионални рамки?

Ако мислиме на образовниот систем, Македонија генерално заостанува во квалитетот на образованието, не заради Ромите, туку генерално нашиот образовен систем заостанува и нашите деца на тие ПИЗА-тестови покажуваат многу лоши резултати и сите овие реформи за кои се веруваше и очекуваше дека ќе придонесат за подобрување во тој смисол - не покажаа резултати. За тоа треба порелевантни луѓе да најдат одговори. Во однос на Ромите, мислам дека Македонија е во далеку подобра ситуација споредено со централноевропските земји, затоа што, пред се‘ толеранцијата и соживотот е историско наследство и култура во нашето поднебје и ние немаме таква етничка дистанца како во Словачка, или во Унгарија, на пример. Од друга страна, резултатите во образованието отсликуваат само дел од структурните недостатоци во образовниот систем. Ако тие се пресликуваат како лоши врз мнозинството, мислам на ПИЗА-резултатите, тогаш тие неколку пати повеќе се рефлектираат кај послабите ученици, вклучително и на ромските деца.

Македонија има Национална стратегија за интеграција на Ромите. Дали Националните стратегии се сами по себе доволни? Имаше интересен предлог на конференцијата - државите коишто не ги остваруваат целите зацртани во стратегиите, да бидат санкционирани. Цели, кои патем, според дел од експертите, се многу генерално формулирани, односно воопшто не се конкретни.

Тоа важи за земјите членки на ЕУ. Ние како земја кандидат засега немаме таква одговорност кон Европската Комисија. Ние стратегиите ги сфаќаме како еден вид на политика на државата. Македонија беше последна во регионот која немаше своја стратегија за Ромите. Таа се усвои во 2005 година. Јас напишав неколку финансиски анализи, во 2007 и последната во 2009 година во однос на тие стратегии, ги испратив до сите релевантни институции, вклучително и премиерот на Македонија и министерот за финансии. Идентификувавме дека по глава на жител, Македонија во име на Ромската стратегија и Декадата на Ромите вложила од 4 до 7 евра по глава на еден жител со ромска националност. Значи може да замислите колку Македонија има посветеност или моќ за финансиски да ја имплементира таа стратегија. Од друга страна, оваа година направивме и анализа - колку Македонија користи од ИПА-фондовите за ромските проблеми? Има апсорпција на европските фондови од околу 24%. Значи ние имавме на располагање во овие 7 години 600 милиони евра, од кои ние апсорбиравме 24 проценти. Од тие 24 проценти, помалку од 1% се таргетирани во ромски проекти. Парите не се доволно. Треба да размислиме подолгорочно, а тоа се решливи проблеми, затоа што се работи за мала популација со многу проблеми, која има доживеано многу историски неправди и треба да размислиме сите заедно - какви Роми сака да има Македонија? Дали сака се‘ уште да ги држи во сиромаштија и изолација или сака да ги има како интегрирани граѓани кои ќе придонесуваат за самата држава, како што е искажано и во нашиот Устав. Нашиот Устав е еден од ретките примери каде што највисоко се рангирани Ромите како конститутивен дел на македонската држава.

Сиромашните земји честопати аргументираат дека не се сиромашни само Ромите, туку се сиромашни сите. Има ли план - што по завршувањето на Декадата на Ромите во 2015 година?

Наголемо се водат дискусии во однос на Милениумските цели на ОН. Кога почна Декадата, таа се поврза со тие Милениумски цели. Во моментов претседавањето на Декадата е во Црна Гора и работната група која беше формирана во рамките на Декадата дискутира веќе во која форма и со кои методи Декадата ќе продолжи. Еден од предлозите е Декадата да продолжи до 2020 година, за да фати чекор со сегашните циклуси во ЕУ, а по 2020-та година сите политики во однос на Ромите да бидат раководени од Брисел, односно од Европската Комисија.

Надир Реџепи е проект-менаџер во Фондот за отворено општество и член на раководството на фондацијата за образование на Ромите „Roma Education Fund“, Швајцарија, како и поранешен Извршен директор на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“, Тетово