Решително до стопроцентен учинок
10 октомври 2011„Немаме намера да подариме ниту еден натпревар. Сакаме да победиме и во последниот десетти натпревар од квалификациите“ , порачува германскиот селектор Јоаким Лев.
Тој и денеска (10.10) го продолжува тренингот со 21 фудбалер во кадарот за утрешниот натпревар против Белгија. Без проблеми тренираат и Месут Езил, Тони Крос и Илјак Гиндоган, кои поради различни проблеми не стоеја на располагање за мечот против Турција во петокот (07.10). Оваа победа инаку, беше јубилејна 50-та за Лев како селектор на германската репрезентација. Единствено проблеми со повреда го мачат искусниот напаѓач Мирослав Клозе, чиј настап против Белгија и натаму е под прашање.
Натпревар за историја
Едно е сигурно по паузата против Турција - Месут Езил се враќа во првите 11-мина .„Состојбата со болките во ахиловата тетива кај Езил е далеку, далеку подобра“, изјави асистентот на Лев, Ханзи Флик. Германскиот селектор, од друга страна, одлучи да го одмори големиот талент Марио Геце, кој против Турција успешно го замени Езил во улогата на плејмејкер.
Лев покрај оваа, најави и други промени во тимот, но истакна дека нема да го смени целиот тим, туку дека во последниот меч од квалификациите Германците ќе настапат апсолутно сериозно. Впрочем, во игра е и национален рекорд. Стопроцентен учинок во квалификациите, без оглед дали станува збор за светско или за европско првенство, немал досега ниту еден германски состав.
Инаку, утрешниот меч е од големо значење за Белгија. Со победа, оваа репрезентација ќе го обезбеди местото во баражот, а доколку биде поразена, Турција, која смета на сигурна победа на домашен терен против Азербејџан, ќе игра во дополнителниот двомеч за пласман на ЕП во Полска и во Украина.
Македонија во очај
За разлика од Германија, македонската фудбалска репрезентација утре во Скопје треба да му стави крај на најнеуспешниот квалификациски циклус досега. Евентуална победа против Словачка, која ги загуби шансите за пласман на Еуро 2012, би внесла барем малку светлина во „мракот“ во кој се наоѓа македонскиот репрезентативен фудбал. Новиот селектор Џон Тошак беше многу разочаран од играта на избраниците во катастрофалниот пораз против Ерменија во Ереван. Згора на тоа, тој во последниот дуел со Словачка нема да може да смета на голем број стандардни репрезентативци. Покрај капитенот Горан Пандев и Агим Ибраими, кои не настапија и во Ереван поради повреда, на утрешниот натпревар во тимот нема да бидат ниту суспендираните, Величе Шумуликовски, Горан Попов.
Автор: Симе Недевски/БГ/дпа/дв
Редактор: Е.М.Фиданоска