1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за името е клуч за напредок на Македонија

22 јануари 2010

Во организација на Европската бизнис асоцијација во Скопје се одржа дебата „Македонија во 2010 година“. Американскиот амбасадор Филип Рикер порача-прашањето за името конечно да се реши во првата половина од годинава.

https://p.dw.com/p/LdzA

Клучните предизвици за Македонија во 2010 година се однесуваат на решавање на спорот со името, што ќе и‘ овозможи на земјата да продолжи да ги реализира одамна зацртаните цели, е пораката на дел од најважните странски амбасадори во земјата. Американскиот, Филип Рикер, европскиот Ерван Фуере и Марија Анхелес Луис Гарсија де Лара, шпанска дипломатка во улога на вршител на должноста амбасадор на земјата- актуелен претседавач со Унијата.

Дамата ги претстави приоритетите на шпанското претседателство. „Дел на третиот приоритет посветен на надворешната политика на Европската унија се однесува на зајакнување на европските перспективи на Западниот Балкан. Ние ги охрабруваме таквите напори и ќе го истражиме прашањето за отворање на преговори за членство со Македонија“, изјави шпанската дипломатка.

Neuer amerikanischer Botschafter in Skopje Philip T. Reeker mit maz. Außenminister Antonio Milososki
Амбасадорот Филип Рикер со македонскиот министер за надворешни работи Антонио МилошоскиФотографија: DW / Dragan Todorovski

Американскиот амбасадор Филип Рикер ја нагласи американската поддршка за Македонија. Рикер потсети колку САД инвестирале во економското и политичко зреење на современата македонска држава и ги повика македонските водачи да го решат единствениот проблем што се испречува пред натамошното напредување на земјата. Побара активност за решение на спорот за името до јуни. „Во првата половина на 2010 очекуваме од македонските лидери да го стават ова прашање на маса и да го решат проблемот што се влече повеќе од 18 години. Нема да има подобар момент за тоа од сега“.

Ervan Fuere
Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во МакедонијаФотографија: DW

Странските дипломати ги охрабруваат двете страни, но се оградуваат од давање предлози и идеи како да се стаса до решение на компликуваниот спор. Европретставникот Ерван Фуере е оптимист дека рецепт за компромис постои и верува дека лидерството ќе успее да го најде. „Секако, решението ќе бара визија, лидерство и храброст, но секако тоа се очекува од водачите избрани да го сторат тоа, да водат, да покажат лидерство и храброст за да се постигне решение кое ќе и‘ овозможи на земјата да продолжи на својот пат до целосна интеграција во ЕУ и НАТО“.

Од трибина на која странските дипломати расправаа за предизвиците со кои ќе се соочи Македонија годинава произлезе нова временска рамка за решавање на спорот за името. Првите шест месеци се периодот за тоа. Рокот што го определи Рикер по враќањето од Вашингтон се совпаѓа со бројните посети на странските државници и дипломати кои нудат помош за посредување и поддршка во спорот со Грција.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска