Решавачки денови за економската иднина на Кипар
5 декември 2012Оваа недела е богата со настани за Кипар и одлучувачка за неговата економска иднина. Денеска (05.12) претседателот на државата Димитрис Христифијас во телевизиско обраќање до нацијата го најавува донесувањето на 20 закони кои би требало да бидат основа за досега најсеопфатна програма за штедење во историјата на земјата. Законите на дневен ред на кипарскиот парламент би требало да се најдат веќе в четврток (06.12), само еден ден пред најголемата инвестициска групација во светот ПИМКО да го објави извештајот за финансиските дупки во банкарскиот сектор во Кипар. Од тој извештај ќе зависат натамошните потези на ЕУ околу помошта за островската земја.
Заладување на односите со Москва
Ангажманот на т.н „тројка“ доверители составена од експерти на ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд стана предмет на политикантство уште и пред вистински да започне. Претседателот Христофијас првобитно не сакаше да преговара со „Тројката“, туку помош најнапред побара од стариот партнер Русија - со првичен успех. На крајот на 2011 година Москва му додели на Кипар кредит од 2,5 милијарди евра со поволни камати. Натамошни кредити меѓутоа Русите не сакаа да дадат и покрај жестокиот притисок од страна на Никозија.
Вината за ваквиот став на Москва, пратеникот на Комунистичката партија на Кипар (АКЕЛ), Сристос Дамијану ја гледа во однесувањето на конзервативната опозиција која не штеди критики на сметка на финансиската политика на актуелната влада: „Можноста за нови кредити од Русија беше повеќе од реална. Но опозицијата уништи се’, со тоа што Русите ги прогласи за непријатели, а самиот Кипар за кредитно неспособен. Под такви услови никој не би одобрил кредит“, вели Дамијану.
Перење на сомнителни руски пари?
Така се‘ остана на плеќите на Брисел. „Тројката“ неодамна, по многу макотрпни преговори, постигна начелна согласност за тоа што понатаму ќе се случува со кипарските финансии. Најголем проблем останува предимензионираниот банкарски систем на Кипар. Годишните биланси на банките далеку го надминуваат брутодомашниот производ на целата земја. Кипарските банки, освен тоа, се поврзани тесно со грчкото стопанство, што по последниот отпис на долгот на Грција од страна на приватните доверители, доведе многу кипарски банки на работ на банкрот.
Експанзијата на кипарските банки беше сомнителна и за многумина во самата земја. Шефот на Централната банка на Кипар, Паникос Димитријадис оцени дека експанзијата на домашните банки во странството е целосно ирационална. Тој и покрај тоа изјави дека влоговите на штедачите во земјата се безбедни. За санација на домашните банки ќе бидат потребни десет милијарди евра. Но макотрпните преговори со „Тројката“ дополнително беа отежнати со гласините, според кои во кипарските банки се наоѓаат многу тајни сметки кои служат за перење руски пари со сомнително потекло. Германскиот неделник „Шпигел“, повикувајќи се на извори во Германската разузнувачка служба БНД, пред неколку недели напиша дека Кипар „нуди услови“ за перење пари во голем стил. Кипарската влада решително ги демантираше информациите на германскиот неделник како „целосно неосновани“.