1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рециклажа на асфалт

Кристина Редер/ Жана Ацеска19 ноември 2012

Во Германија годишно се поставуваат 60 тони асфалт, од што 20 проценти се добива со рециклажа. Премалку, велат експертите, зашто оваа постапка е не само еколошки корисна, туку и поевтина за 30 насто.

https://p.dw.com/p/16dXs
Фотографија: Fotolia/emmi

Од лежерниот шопинг во сабота навечер денеска нема ништо. Главната шопинг улица во Хамбург е раскопана. Асфалтот по долги години е дотраен и треба да се обнови. Досега за тоа се користеа нови и скапи материјали. Но, асфалтот во Менкебергштрасе ќе остане ист.
„Овој асфалт е навистина стар, но можно е да се реактивира. Користиме слој маслени и восочни наноси со кои ќе го реактивираме, зашто не треба да трае само 17, туку околу 20 или 25 години“, истакнува Герхард Рибезел од фирмата „АсфалтТек“.

Градот овој метод веќе го испроба на една прометна улица во хамбуршкото пристаниште.

„Тоа функционира така што на крајот се добива асфалт, според техничките својства еднаков на оној претходно, по многу нешта дури и подобар“, објаснува Кристијан Денк од Службата за стопанство во Хамбург.

Straße Schlagloch
Фотографија: fotolia/Gary Whitton

Неколку километри од градилиштето е постројката за мешање. Преку ноќ овде 500 тони дотраен асфалт со кршење и сеење се преработуваат во гранулат. За тоа време градежни стручњаци ги анализираат примероците, зашто мешавината од чакал и врзиво мора да одговара.

Роберт Контовиц, експерт за градежништво, веќе го извршил испитувањето: „Смесата ја испитавме утрово и е многу добра“.

Следното утро камионите повторно возат кон градилиштето. Се искористуваат повторно 85 проценти од стариот асфалт. Нови материјали речиси и да не се потребни, па овој метод е поевтин за околу 30 насто. Тоа го растоварува градскиот буџет и го радува хамбуршкиот сенатор за стопанство, Франк Хорх: „Ова за нас е еколошки инженеринг, немаме работа со забрани и рестрикции. Ова е најдобар пример на инженерска и развојна примена на процесите на рециклажа и технологијата за заштита на околината“.

Во Германија годишно се поставуваат 60 тони асфалт, од што 20 проценти се добива со рециклажа.

„Сметам дека тој процент треба да се зголеми, да се удвои, зашто асфалтот на нашите улици не е со толку лош квалитет, туку едноставно стар, а против тоа може да се преземе нешто“, вели Герхард Рибезел од фирмата „АсфалтТек“.

Неговото мислење го делат и во странство. Експерти за асфалт од Русија и Турција веќе го посетија градилиштето во хамбуршката улица.