1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот за ЕУ би бил автогол за Србија?

Ивица Петровиќ / Александар Методијев19 септември 2012

Доколку се случи ЕУ да инсистира признавањето на Косово да биде услов за продолжување на европските интеграции, одлуката за тоа би можеле да ја донесат српските граѓани на референдум. Таа политика би имала висока цена.

https://p.dw.com/p/16BN3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Белградските медиуми наведуваат дека досегашната политика „и Косово и ЕУ“ удрила во ѕид, посебно по германскиот предлог Србија да воспостави договорени добрососедски односи со Косово. Ако се остане на тој услов не е исклучено да се распише референдум со прашање – Косово или Европа? Се очекува исто така српскиот претседател Томислав Николиќ да ги собере лидерите од власта и опозицијата, како и на водечките државни институции, за да се усогласи заедничка политика кон големите предизвици кои ја очекуваат државата. Претставниците од власта засега даваат контрадикторни изјави на оваа тема. Во еден момент велат дека референдум нема да има, а потоа зборуваат дека референдумот останува како последно можно средство за искажување на демократската волја на граѓаните.

Мора да се знае што значи ДА, а што НЕ

Доколку актуелната влада распише референдум на тема Косово или Европа, тоа ќе биде обид да се најде некое решение за таа тешка дилема, но истовремено власта да не биде одговорна за тоа решение, оценува за Дојче веле Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика. Властите поради тоа мораат сериозно да размислат дали таквата дилема воопшто има смисол, бидејќи на крајот можеме да останеме и без едното и без другото.

„Во деведесетите години Милошевиќ организираше некакви референдуми кои имаа некаков резултат, а реалноста покажа нешто сосема друго и граѓаните на Србија тој вид на реалност мирно го прифаќаа. Зборувам за референдум на кој имаше прашање, парафразирам, дали сте за тоа странските трупи да дојдат на наша територија? И, одговорот на тоа сугестивно поставено прашање секако дека беше НЕ“, вели Јоксимовиќ и додава дека „мораат добро да се измерат сите можни негативни последици во однос на исходот на референдумот“.

Поради тоа многу е важно како точно би гласело референдумското прашање, за граѓаните да знаат кои ќе бидат последиците од одредени одлуки.

„Доколку одговорот на референдумското прашање биде НЕ за Европската унија, тогаш што тоа конкретно би значело за Србија? Неопходно е соочување со можните исходи и во тој контекст мора да постои некој план Б. Секако, истото важи и доколку одговорот биде спротивен и Србија се определи повеќе да се прилагоди кон европските интеграции“, додава Јоксимовиќ.

Serbien Wahl
Граѓаните мора да знаат за што гласаатФотографија: dapd

Европа се’ подалечна, Русија се’ поблиска?

Професорот на Факултетот за политички науки Предраг Симиќ за Дојче веле забележува дека планот Б веќе постои во српската јавност во случај таа да се откаже од Европа.

„Имено, во тој случај Србија уште повеќе и поцврсто би се врзала за Русија и би се обидела врз основа на тој темел да изгради позиција. Тоа во пракса значи дека Србија не би прогласила само војна, туку и политичка неутралност и тоа би станало официјална политика. Во тој смисол Србија веројатно би го продолжила она што го започна Вук Јеремиќ, а тоа е јакнењето на врските со неврзаните земји. Со други зборови, на Србија во добра мерка би и‘ се заканувала изолација во Европа и таа изолација природно би ја терала кон Русија, Кина, неврзаните, без оглед дали тоа се рационални и долгорочни решенија“, забележува професорот Симиќ.

Србија во секој случај би платила многу висока цена доколку на потенцијалниот референдум се откаже од европските интеграции.

„Србија во моментов е во многу тешка економска ситуација. Многумина сметаат дека тоа е причина поради притисокот од Запад, бидејќи Србија до крајот на годината треба да обезбеди три милијарди долари и тоа тешко може да го направи од овие алтернативни извори“, вели Симиќ и појаснува дека за тоа на Србија и‘ се неопходни ЕУ, ММФ и САД, кои имаат најголемо влијание во финансиските институции.

„Цената од тоа би била во одредена мерка враќање во шеесетите години на минатиот век, барем во смисла на примањата, стандардот, куповната моќ. Сето тоа во Србија би довело до уште посериозна економска криза во однос на оваа во која веќе се наоѓа“, заклучува Симиќ.