1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ретки се проевропски Британци

Џоана Импеј/Б. Георгиевски23 јануари 2013

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска (23.01) го одржa долго очекуваниот говор за ЕУ. Дали говорот ќе биде почеток на крајот на британското членство во ЕУ? Ретките проевропски Британци се борат против таков исход

https://p.dw.com/p/17Q1S
Фотографија: picture-alliance/dpa

Испитувањата на јавното мислење во Велика Британија покажуваат голема доза на евроскептицизам, која очигледно се зголеми откако е на власт актуелната коалиција. Според анкета од ноември минатата година, 56 отсто од Британците би се изјасниле за излегување од ЕУ на референдум. Состојбата дополнително ја заострува и растот на популарноста на евроскептичната Независна партија на Велика Британија која, во некои изборни единици, би можела да ги потисне проевропските либерални демократи од третата позиција.

Делува дека многу малку британски политичари се подготвени да се заземат за Европа, бидејќи се плашат од своите избирачи. Ендрју Даф е еден од најгласните заговорници на проевропската политика. Велика Британија мора да се одбрани од „неславната изолација во ЕУ“, смета овој либерал-демократ, пратеник во Европскиот парламент. Тој го критикува однесувањето на неговата партија и вели дека либералните демократи во целост им ја препуштиле европската политика на своите конзервативни коалициски партнери.

„Тие предолго избегнуваа отворено да говорат за размерите и важноста на интеграцијата. Британците премногу често го критикуваат Брисел за се’ што ќе тргне наопаку“, вели Даф.

Во ликот на Најџел Фериџ, претседателот на Независната партија, евроскептиците имаат харизматична личност, и покрај тоа што многумина му се потсмеваат. Дури и бројни конзервативци го поддржуваат тоа движење.

Andrew Duff Britischer Europaabgeordneter
Ендрју ДафФотографија: Ali Ozluer/AFP/Getty Images

Но на кого да се потпрат проевропските Британци? Веројатно најпозната личност од тоа милје е Кен Кларкс, поранешен минсистер за правосудство и конзервативец чии ставови не се поклопуваат со линијата на неговата партија. Тука е и Питер Манделсон од Лабуристичката партија.

Економски интереси

Проевропската линија може да се најде и кај некои водечки бизнисмени. Еден од нив, сер Ричард Брансон, основач на компанијата „Вирџин груп“ со повеќе од 400 фирми, вели дека не смее да се заборави оти ЕУ е најважниот британски трговски партнер. „Излегувањето од ЕУ ќе биде лошо за британските компании и за севкупната економија“, напиша Брансон на својот блог.

Тони Кјукумбас, претседател на здружението Европско движење, кое обединува повеќе организации за поттикнување на европското обединување вели: „Водечките британски стопанственици кои имаат бизнис релации низ целиот свет, почнуваат полека да истапуваат и да испраќаат јасна порака: Велика Британија мора да остане во срцето на ЕУ“.

David Cameron
Дејвид КамеронФотографија: Reuters

„Едноставно постои недостаток на информации за тоа што го прави ЕУ и колку е важна за секој поединечен граѓанин во неговото секојдневие“, вели Кјукумбас.

Тоа звучи како сизифовска работа, но за подигнувањето на гласот во полза на проевропската идеја нема алтернатива, вели Ендрју Даф:

„Мора јасно да се стави до знаење дека е апсурдно да се верува дека Велика Британија воопшто има избор“.