1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ресетирање на македонско-бугарските односи

2 септември 2011

По долги години недоразбирања, подеми и падови во меѓусебните односи, Македонија и Бугарија се на пат да отворат нова страница во меѓусебните односи. На некои македонски телевизии можат да се видат и бугарски серии

https://p.dw.com/p/12Rqe
Две децении по независноста сеуште се исцртува амплитуда на падови и подеми во политичките и економските релации на двата соседи.Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

...„Разбрах че „Феникс“ има нови сопственици... нема ли да пустах информација за медиите“...

Изминаа децении па конечно, од еден македонски медиум, да се слушне реплика на чист бугарски јазик. Култната и современа новела  „Стаклен дом“, преку македонската телевизија Канал 5,  станува конкурентна во доминацијата на турските, индиските и репризните српски серии. Тоа се разбира е само симболичен, но важен гест за разбивање на табуата во македонско-бугарските комуникации. Две децении по независноста сеуште се исцртува амплитуда на падови и подеми во политичките и економските релации на двата соседи.

Бугарија прва ја призна самостојноста на Македонија под уставното име, таа стана членка на ЕУ и НАТО, но властите во Скопје, со резерва, па и комплекс, ги примаа идеите Софија да биде пријател и лобист за македонските евро-атлански аспирации.

Словенија може, Бугарија-не

„Кај нас е преовладувачко мислењето дека Бугарија не би можела да биде лобист за Македонија во Брисел, а би можела да биде една Словенија“, оценува екс-премиерот Владо Бучковски (СДСМ). Тој како советник за евроинтеграции го имаше и бугарскиот амбасадор и професор Стојан Денчев. По него, атлантистот и екс-шеф на дипломатијата Соломон Паси, кој ја внесе земјата во НАТО, беше близок до актуелниот шеф на македонската Влада Никола Груевски.

Gorge Ivanov und Georgi Prvanov
Претседателите Георги Прванов и Ѓорге ИвановФотографија: AP

Откако во 1999-та Љубчо Георгиевски го потпиша Договорот за пријателство, со кое е решен и таканаречениот спор околу името и односите имаа нагорна амплитуда, вели Бучковски.

„По влегувањето на Бугарија во ЕУ и НАТО можевме и реално ги затвориме сите пробелми што беа напластени во изминатите децении. Поради „бугарофилството“ што се провлекуваше како епитет за ВМРО-ДПМНЕ, зачудувачки премиерот Груевски се оддалечи од својот бугарски колега, конзервативецот Борисов“, заклучува социјалдемократскиот премиер Бучковски.

Затоа и изгледа логично кога двајцата шефови на дипломатијата потпишаа Меморандум за соработка во евро-атланските интеграции. Двајцата истоименици, едниот Никола, другиот Николај, Попоски како нов дипломат, Младенов како искусен, кој веќе оствари мисии во Вашингтон-Брисел-Скопје, каде го развиваше бугарскиот концепт за интегрирање на целиот Балкан во ЕУ и НАТО, вчера во Софија разговарале со речник на иднината.

Потребни се повеќе контакти

За креирање на политика на добрососедство и доверба неопходни се развиени и чести контакти, не само на политичарите, туку и на невладиниот сектор, интелектуалци, бизнисмени, вели екс-амбасадорот во Брисел Нано Ружин.

„Потоа може да се разговара за чувствителните прашања, бидејќи знаеме дека бугарската страна, секој договор, го условуваше со некои нивни стандарди што беа неприфатливи за Македонија“.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski
Експремиерот Владо БучковскиФотографија: Petr Stojanovski

Компромисот е направен, властите во Софија се откажаа од идејата да се склучи Договорот за пријателство меѓу двете земји, што лани не беше потпишан. Поради несогласувања двајцата министри одговорија дека довербата не се гради на договори, туку треба да се надоградува. На тој начин Попоски се обиде да амортизира дел од незадоволството на премиерот Бојко Борисов кој во Софија го дочека својот колега Никола Груевски и не го убеди дека формалниот концепт на пријателство што го нудеше Софија не е составен од позиција на моќ.

Се бараше, меѓудругото, Скопје да ја поддржи намерата  за обнова и одржување на бугарските воени споменици и гробишта во Македонија; двете страни да не користат говор на омраза и пропаганда...Македонија да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, со барање за заштита на малцинските парава на Македонците во Бугарија...

Македонските забелешки на тој документ не беа прифатливи за бугарската страна. Затоа Договорот за пријателство сега е замрзнат и така најверојанто ќе остане.

Историјата на историчарите

Сепак двајцата први дипломти, на својата последна софиска средба не избегаа од заштита на заедничкото културно и историско наследство и одбележување на историските настани битни за двете држави, како што тоа го нарекол домаќинот Николај Младенов.

„Зошто е страшно ако има личности кои можат да бидат дел од нашата и вашата, заедничката историја. Ние имаме многу  настани од историското минато што не поврзуваат“, изјави за ДВ првиот претседател Жељу Желев, кој лани во Скопје доби престижен ореден за Денот на македонската самостојност и кој беше политичар што ги форсираше европските државници што поскоро да ја признаат македонската државотоворна реалност.

„Тоа е едно комплексно прашање и најбезболниот пат е да се формира заедничка комисија од научници и расчистување на дилемите што е заедничко во историјата и да ги одбележуваме заедно, зошто да не“, оцени неодамна за ДВ историчарот и професор Јован Донев. За директорот на Инстиутот Евро-Балкан не се спорни поврзувачки личности од средновековието и 18 и 19 век, од балканските војни, но тоа треба да го расчистат историчарите.

Mazedonien Politik Nano Ruzin 2
Нано РужинФотографија: MIA

Не се само малите групи од патриоти или националисти, нивниот притисок во двете средини, пречка за континуирани и растечки добрососедски односи. Ни по петнаесет години не е изградена пругата кон Бугарија иако се потрошени околу 300 милиони долари.

„Да не беше пред шест години ироничната забелешката на Борисов дека ќе се загуби во Македонија зашто нема ниту еден патоказ на автопатот за правец кон Софија, таблата немаше да биде поставена“, се присетува екс-премиерот Бучковски на разговорот со тогашниот софиски градоначалник. Но и натаму, од и до заедничката граница води локален пат, а не магистрала за еден од европските коридори.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски