1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканците го стопираа партискиот пријател

ЕМФ/дв/миа15 февруари 2013

Политичката судбина на Чак Хејгел, номиниран за американски министер за одбрана, е и натаму неизвесна. Републиканците го блокираа неговото назначување.

https://p.dw.com/p/17ehx
Фотографија: Reuters

Републиканците во Сенатот на САД го одложија за десет дена евентуалното одобрување на кандидатурата на Чак Хејгел за министер за одбрана. Демократите на Барак Обама немаа доволно мнозинство за да ја прекинат блокадата. Она што е невообичаено во целата работа е што Чак Хејгел е - републиканец!

Педесет и пет сенатори демократи не успеаја да привлечат на своја страна петмина републиканци, за да ги добијат потребните 60 гласови од сто за спречување на републиканскиот отпор. Ова е прв случај во историјата на САД да биде блокиран изборот на министерот за одбрана, предложен од претседателот. Сепак, се очекува Хејгел да биде одобрен за оваа функција во последната недела од февруари.

Откако Обама го номинираше Хејгел за министер за одбрана републиканците остро се спротивставија на неговиот избор. Иако и Хејгел беше републикански сенатор од 1997 до 2009 година, тие реагираа поради неговите петходни изјави поврзани со Израел, Иран и војната во Ирак, на која тој се спротивстави. Претседателот Обама изјави дека обидите на републиканците во Сенатот за блокирање на изборот на Хејгел се без преседан и додаде дека сепак очекува оти поранешниот републикански сенатор ќе биде избран на оваа функција.