1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републикански сенатор го тужи Обама поради НСА

СН/ат/дпа/миа/афп13 февруари 2014

Во скандалот околу практиките на прислушување од страна на тајната служба НСА, американскиот претседател Барак Обама сега се соочува со тужба.

https://p.dw.com/p/1B7t5
Фотографија: Win McNamee/Getty Images

Сенаторот од редовите на републиканците, Ранд Пол (насловна фотографија) побара покренување судски процес против американскиот претседател Барак Обама во врска со програмата на Агенцијата за национална безбедност (НСА) за електронско следење.

Сенаторот поднесе т.н збирна тужба против Обама. Пол во Вашингтон истакна дека дејствува во име на „секого во САД кој поседува телефон“.

Во тужбата, која ја поднесе сенаторот, се споменуваат и началникот на Националното разузнавање на САД Џејмс Клапер, директорот на НСА Кит Алекзандер и директорот на ФБИ Џејмс Коми.

Според тужбата, програмата за собирање лични податоци на клиенти на телекомуникациските компании, која дејстува од 2006 година го нарушува Четвртиот амандман во Уставот на САД. Со тој амандман се забранува извршување на „неосновани претреси и конфискувања“ и се бара сите наредби за претрес да содржат детален опис за лицето, чии работи се одземаат.

Целта на тужбата е да се стави крај на опширниот надзор на телефонските податоци во САД од страна на НСА.

„Очекуваме овој случај да стигне до Врховниот суд на САД и верувам дека американскиот народ ќе победи“, изјави сенаторот Пол на прес-конференција во Вашингтон. Ранд Пол важи за можен кандидат на републиканците за претседателските избори во САД во 2016. година и се смета близок на конзервативната групации „Ти парти“.