1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Републиканецот Колин Пауел го подржа Демократот Барак Обама

20 октомври 2008

Најновите анкети покажуваат дека во претседателската трка во САД, Барак Обама ја одржува предноста од 6 проценти пред противкандидатот Џон Мекејн. Обама уште повеќе ја засили својата позиција по гестот на Колин Пауел.

https://p.dw.com/p/FdFL
Обама доби поддршка од ПауелФотографија: AP

Некогашниот член на републиканската администрација на претседателот Буш на изненадување на сите јавно го подржа Демократот Барак Обама истакнувајќи дека тој е подобар кандидат за американски претседател од Републиканецот Џон Меккејн.

Пауел: Јас ќе гласам за Барак Обама

„Тој има и стил и супстанца. Тој го исполнува стандардот да биде успешен претседател, да биде извонреден претседател. Мислам дека тој е личност за трансформација, тој е припадник на новата генерација која доаѓа на светската сцена, на американската сцена, и затоа јас ќе гласам за сенаторот Барак Обама.“

Генералот со четири ѕвезди, кој од периодот меѓу 2001 и 2005-та година за време на првиот мандат на претседателот Џорџ Буш беше шеф на Стејт департментот, во интервју за телевизијата СНН, изненадувачки порача дека Обама според него е подобар кандидат од Републиканецот Џон Меккејн.

Пауел истакна дека е разочаран од негативниот тон на кампањата на Меккејн. Тој смета дека републиканскиот сенатор е помалку несигурен за тоа како да се справи со економските проблеми што ги имаат САД: „Речиси секој ден имаше различен пристап кон проблемот и ме загрижи кога почуствував оти тој никогаш немал комплетна претстава за економските проблеми кои ги имаме“ -истакна Пауел.

Сара Пејлин е погрешен избор, смета Пауел

Colin Powell
Колин ПауелФотографија: AP

Тој особено го критикуваше изборот на кандидатот за потпретседател на САД кај Републиканската партија: „Јас истотака сум загрижен и околу изборот на Сара Пејлин. Таа е извонредна жена и треба да биде почитувана. Но во исто време додека имавме шанса да ја гледаме во овие 7 недели, јас не верувам дека таа е подготвена да биде претседател на САД, што всушност е работата на потпретседателот“ -истакна Пауел.

Изненадувачкиот потег на Колин Пауел, беше главна вест во американските медиуми две недели пред изборот на нов претседател.

Обама воодушевен, Меккејн навидум смирено ја прифати одлуката на Пауел

Сенаторот Обама веднаш реагираше истакнувајќи огромна благодареност за потегот на Пауел: „Утринава еден голем војник, голем државник, голем Американец ја подржа нашата кампања за промени. Бев почестен од време на време да можам да ја користам неговата мудрост и совети во последните неколку години. Но ова денеска е многу повеќе од чест. Јас сум длабоко благодарен што ја имам подршката од генералот Колин Пауел“ -истакна Обама за време на еден предизборен митинг.

Се разбира потегот на Пауел претставуваше тежок удар за републиканскиот кандидат Џон Меккејн. Пауел ги премина партиските редови а згора на тоа е долгогодишен пријател на Меккејн: „Јас секогаш сум му се восхитувал и сум го почитувал генералот Пауел. Ние сме долгогодишни пријател. Ова не претставува изненаадување. Јас сум многу задоволен што ја имам подршката од четворица поранешнии државни секретари на САД“- изјави Меккејн.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема