1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Репортери без граници шокирани од пресудата за Кежаровски

Б. Георгиевски/рбг21 октомври 2013

И организацијата Репортери без граници остро реагира на пресудата за новинарот Томислав Кежаровски. Од ЕУ тие бараат на Македонија да ѝ се постави нов услов, кој ќе се однесува на слободата на медиумите

https://p.dw.com/p/1A3Gb

„Острата казна против Кежаровски е невтемелена. Нејзината цел е да ги заплаши критичните новинари во Македонија“, вели раководителот на Репортери без граници во Берлин, Кристијан Мир. Репортери без граници бараат од Европската унија како услов за влез на Македонија во ЕУ да ја постави и заштитата на новинарите.

Во реакцијата на Репортери без граници (РБГ) на денешната пресуда на судот во Скопје, кој му одреди казна од 4,5 години затвор на Томислав Кежаровски, се наведува дека новинарот открил идентитет на заштитен сведок во полициска истрага, кој пак и самиот подоцна признал дека дал лажен исказ под притисок на полицијата. Притоа се наведува дека непосредно пред апсењето, Кежаровски ја истражувал смртта на новинарот Никола Младенов кој загина во неразјаснети околности во околината на Скопје.

Се цитира и изјавата на Кежаровски за Балкан Инсајт во која тој вели дека во неговите текстови истражува случаи на неправилности во македонското правосудство.

Се потсетува дека и Репортери без граници и други организации досега повеќе пати го критикувале долгиот притвор за Кежаровски, кој бил продолжуван и покрај тоа што за неговото бранење од слобода била нудена кауција.

Tomislav Kezarovski Skopje Mazedonien Strafprozess
Томислав КежаровскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Репортери без граници, притоа бараат од ЕУ, за разлика од досега, посилно да се заложи за слободата на изразувањето и печатот во Македонија. Притоа се цитира и Извештајот за напредокот на земјата во 2013 на Европската комисија во кој јасно беше укажано на големите притисоци врз македонските медиуми и врз нивните сопственици.

„На ранг листата на РБГ за слободата на медиумите, Македонија се наоѓа на 116. место меѓу 179 земји. Тоа ја става на дното меѓу балканските земји, во кои честопати полулегални или криминални групи ги контролираат медиумите, а насилството над новинарите ретко се казнува“, се наведува во реакцијата на Репортери без граници.