Репортери без граници: Бесконечен пад во македонските медиуми
26 јуни 2012Според оваа невладина организација, која ја брани слободата на печатот, Македонија „влезе во зона на турбуленции од кои ништо не остава впечаток да се помисли дека ќе излезе“.
Одземањето на дозволата за емитување на телевизијата А2 и договорт за декриминализација на клеветата дополнително ги загрижуваат Репортери без граници. Тие повторно се огласија со соопштение за јавноста во која го привлекуваат вниманието на светската јавност врз ситуацијата со медиумските слободи во Македонија.
Договорот за декриминализација на клеветата според оваа организација е „лажна реформа“. „Многу ќе зависи од судската пракса на законот. Но, во најмала мерка, законот ќе треба да ги намали ризиците“. Репортери без граници испраќаат повик до Советот на Европа да се изјасни по законот и да се гарантира пропорционалноста на казните со приходите на новинарите и медиумите. Репортери без граници меѓу другото се загрижени и за нацрт законот, кој се однесува на работата на странските медиуми и новинари во Македонија.
Во своето опширно соопштение, Репортери без граници констатираат дека медиумскиот пејсаж еволуира во ритамот на бројните наслови, кои се појавуваат и исчезнуваат. Но, остануваат истите основни проблеми: економската несигурност на новинарите, нетранспарентност во финансирањето на медиумите и нивна полразиација... Истовремено говорот на омраза се банализира во контекстот на зголемени етнички тензии меѓу Македонците и Албанците.